Горбачов го водеше СССР од 1985 година до неговиот распад во 1991 година и беше генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз
Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз пред распадот, почина во Москва на 92-годишна возраст, објавија руските државни новински агенции.
⚡️Умер Михаил Горбачев, сообщили в ЦКБ:https://t.co/JzRc0Wwxbb pic.twitter.com/7BDQUEVBqg
— ТАСС (@tass_agency) August 30, 2022
Горбачов, чие владеење се поврзува со термините перестројка и гласност (реформи и отвореност), почина по долго боледување.
„Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по тешко и долго боледување“,
соопшти Централната клиничка болница, пренесува РИА/Новости.
Во јуни, портпаролот на Фондацијата „Горбачов“, Владимир Полјаков, изјави дека Михаил Горбачов боледува од бубрежна болест и дека е на третман, вклучително и хемодијализа. Влошеното здравје на поранешниот претседател на СССР тој го поврза и со возраста.
Горбачов го водеше СССР од 1985 година до неговиот распад во 1991 година и беше генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.
Тој ќе остане запаметен како претседател на СССР кој ја заврши Студената војна без крвопролевање, но не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз.
Неговиот обид за реформи (перестројка) доведе до крајот на Студената војна, но исто така доведе до крај на врховната политичка моќ на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС) и до распадот на Советскиот Сојуз.
Во меѓународната политика, Горбачов се залагаше за подобри односите и трговијата со Западот. Тој воспостави блиски односи со неколку западни лидери, како Маргарет Тачер, западногерманскиот канцелар Хелмут Кол и американскиот претседател Роналд Реган. На 11 октомври 1986 година, Горбачов и Реган се сретнаа во Рејкјавик за да разговараат за намалувањето на нуклеарното оружје со среден дострел во Европа. Ова доведе до потпишување на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел во 1987 година.
Тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година.