Сепак, тој верува дека иако Русија напредува во регионот околу Харков во последните денови, ситуацијата за неговите воени сили е подобра отколку пред една недела кога руските војници ненадејно ја преминаа границата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за француската агенција АФП, изјави дека очекува и се подготвува за поширока руска офанзива на север и на исток со цел заземање на Харков, региони каде што Москва продолжува со големите напади што започнаа на 10 мај.
„Тие започнаа операција која може да се состои од неколку бранови, а ова е прв“,
рече Зеленски во моментот кога Русија ја започна својата најголема воена операција за освојување од крајот на 2022 година.
Сепак, тој верува дека иако Русија напредува во регионот околу Харков во последните денови, ситуацијата за неговите воени сили е подобра отколку пред една недела кога руските војници ненадејно ја преминаа границата.
Зеленски смета дека Русија сака да го нападне Харков, град кој е оддалечен само неколку десетици километри од фронтот. Москва не успеа да го освои во 2022 година, но рускиот претседател Владимир Путин во петокот рече дека во моментов нема намера да го нападне.
Официјалната цел на руската офанзива, рече Путин, е да се одговори на нападите на украинските воени сили на руска територија во последните месеци и да се создаде тампон-зона која треба да ги спречи овие напади.
Московските сили се обидуваат да го искористат недостигот на работна сила и оружје со кој Украина се соочува по две години војна. Во интервју за АФП, Зеленски призна дека на Украина ѝ недостига воен персонал.
„Има прилично голем број бригади на кои им недостигаат луѓе“,
рече тој.
Поширока мобилизација и регрутирање на затвореници
Соочен со оваа ситуација, Киев донесе контроверзен закон кој стапи во сила денеска, а неговата цел е да се забрза воената мобилизација со намалување на возраста за отслужување воен рок од 27 на 25 години. Зеленски во петокот потпиша и закон со кој се дозволува регрутирање затвореници во замена за условно ослободување.
Украинскиот претседател изрази жалење што поседува само една четвртина од противвоздушните одбранбени системи кои објективно му се потребни на Киев и додаде дека му се потребни и 120 до 130 борбени авиони Ф-16, мислејќи на помошта од Западот.
Русија во саботата објави дека го освоила селото Старица во областа Харков во близина на Вовчанск, град на околу педесет километри од Харков, што им гарантирало на руските сили „понатамошен напредок длабоко во одбранбените позиции на непријателот“.
Речиси десет илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во регионот Харков, соопштија претходно украинските власти.
„Од овој регион досега се евакуирани вкупно 9 907 луѓе“,
изјави во саботата гувернерот Олег Синегубов, додавајќи дека украинските вооружени сили во текот на ноќта одбиле два обида за пробивање на одбраната.
Тој исто така рече дека ситуацијата е под контрола и дека бранителите пребаруваат одредени области.
Од крајот на 2022 година, Москва успеа да постигне најголем територијален напредок за само една недела. Во тој период, таа освои околу 257 квадратни километри само во регионот Харков, според податоците што АФП ги зеде од Американскиот институт за проучување на војната.