Ако вечерва не биде побарано ново продолжување на вонредната состојба, оваа седница, би била последна кога кабинетот на Спасовски може да носи уредби со законска сила
Владата вечерва, преку конференциска врска, ќе одржи седница, како што информираа оттаму, без да наведат точки за кои ќе се расправа.
За заклучоците, како што наведуваат од Владата, ќе информираат со соопштение по завршување на седницата.
Ако Владата вечерва не побара ново продолжување на вонредната состојба, оваа седница, би била последна кога кабинетот на Спасовски ќе може да носи уредби со законска сила – освен во случај ако меѓувреме искрсне потреба од ново прогласување вонредна состојба. Доколку Владата не испрати ново барање до претседателот Стево Пендаровски, тогаш изборите би се одржале на 5 јули.
Премиерот Оливер Спасовски изјави денеска во Струмица дека веќе нема причини за продолжување на вонредната состојба.
Иако и Пендаровски вчера оцени дека нема потреба од нова вонредна состојба, лидерот на СДСМ Зоран Заев ѝ сугерираше денеска на Владата да побара уште три дена вонредна состојба, за изборите да се одржат на 8 јули.