Во Одеса е нападнат станбен блок каде сега се наоѓаат спасувачки екипи за да им помогнат на цивилите, како и пожарникари кои се обидуваат да го изгаснат огнот. Полицискиот час во Лавов, пак, е воведен поради добиени разузнавачи информации за кои властите не соопштија повеќе детали
Јужниот пристаништен град Одеса во Украина е мета на ракетен напад од руските сили, соопштија локалните украински власти.
Според она што го јави украинската новинска агенција УНИАН, оштетена е повеќекатна станбена зграда. Повеќе детали засега не се објавени.
За бомбардирањето извести и Би-би-си, наведувајќи дека бил погоден станбен блок од 14 ката. Дел од жителите на блокот раскажуваат дека се слушнала силна експлозија од која сите прозори се искршиле. Во моментов таму има спасувачки екипи, а неколку пожарникарски возила се обидуваат да го изгаснат пламенот.
За нападот се огласи и шефот на дипломатијата на Украина, Дмитро Кулеба велејќи дека единствената цел на руските ракетни напади врз Одеса е да се предизвика терор.
Одеса и претходно беше гранатирана од страна на руските сили, но многу помалку во споредба со тоа што се случуваше во другите градови, како што е Мариупол.
Во Мариупол, пак, фабриката за челик Азовстал со денови е последното украинско упориште. Путин пред два дена го отповика планот за упад во фабриката и наместо тоа нареди да се блокира индустриската зона за да не може ниту мува да прелета. Според денешните информации оттаму, фабриката повторно е под напад од руските сили. Медиумите со денови наназад известуваат за лошите услови за цивилите во Мариупол за кои имаше неколку неуспешни обиди за воспоставување хуманитарни коридори за евакуација. За денеска напладне беше најавен и нов.
Меѓу последните случувања во Украина е тоа што во градот Лавов е најавено дека се воведува полициски час кој ќе започне вечерва. Регионалниот гувернер Максим Козицкиј како причина за воведувањето на полицискиот час ги наведе новите разузнавачки информации, но не прецизираше за какви информации станува збор.
Полицискиот час ќе почне од 23 часот и ќе трае до 5 часот наутро до понатамошно известување.
Фото: Архива / EPA-EFE/Wojtek Jargilo POLAND OUT