Платформите во собраниската Комисија за надворешни работи треба да ги претстават и новите дипломатски претставници на Северна Македонија во Приштина, во Советот на Европа во Стразбур, во Мисијата на ОН во Женева…
Петнаесет идни амбасадори на Северна Македонија во странство денеска ги презентираат пред собраниската Комисија за надворешни работи платформите за дипломатски активности во мисиите во кои заминуваат, по предлог на претходната (политичка) влада.
Претставувањето на платформите на кандидатите за амбасадори, кои добиле агремани од земјите и мисиите во кои заминуваат, е претпоследниот чекор пред стапувањето на функцијата, односно пред добивањето акредитиви од шефот на државата Стево Пендаровски.
Неколку месеци по официјализирањето на членството на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески е пред заминување во Брисел, како шеф на нашата мисија во седиштето на Алијансата во Брисел.
На денешната седница на собраниската Комисија, платформите треба да ги претстават и Фатон Бејта, кој е кандидат за амбасадор во Данска и Шабан Јашари, кој оди како амбасадор во Катар.
Платформата треба да ја претстават и идната амбасадорка во мисијата во ООН, Теута Агаи-Демјаха, Данчо Марковски, кој оди како амбасадор во Тирана, како и Сали Лимани кој е новиот ополномоштен амбасадор во Казахстан.
Во Приштина заминува Шпреса Јусуфи, додека Марија Ефремова ќе биде амбасадорка на земјава при Светата Столица.
Сашко Тодоровски добил агремани за амбасадор во Чешка, во Јапонија заминува Горан Цеков, а во Стразбур – Светлана Гелева, како амбасадорка при Советот на Европа.
Платформите денеска ги претставуваат и новиот амбасадор во Србија Васко Грков, како и Билјана Стефановска-Сековска во Канбера, Австралија, Бети Јачева во Холандија и Драган Јордановски во Естонија.
Петмина од кандидатите за амбасадори што стигнаа до презентација на платформите требаше да заминат на функциите уште во март годинава, но процедурата беше закочена во собраниската Комисија за надворешна политика, со која и во претходниот собраниски состав и сега претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на минатиот месец, кога доскорешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров му ја предаваше функцијата на Бујар Османи, беше посочено дека главен проблем со празните амбасадорски места се пречките што ги поставуваше опозицијата преку Комисијата за надворешни работи, пракса која, како што беше речено, треба да се смени за да се избегне дневно политикантство.
Владата во декември минатата година предложи дипломатски претставници во 19 мисии, но ниту еден од нив досега не замина на функцијата.