Селекторот Милевски ја повика публиката на спортско и коректно навивање на вечерашниот натпревар со Бугарија
Посебен режим на сообраќај денеска ќе има на сообраќајниците во близина на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје поради фудбалскиот натпревар на репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија од Лигата на нации што почнува во 20:45 часот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на возилата по околните сообраќајници.
На синоќешната прес-конференција селекторот Благој Милевски повика да се остави на страна политиката и да се размислува само спортски. Милевски порача дека политиката треба да им се остави на политичарите а спортот на спортистите.
„Да бидеме јасни – политиката е на страна, ние сме спортски работници и нас не интересира само тоа. Мора да најдеме начин да победиме на теренот. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на Федерацијата дека гледаме само на спортот. И јас ја повикувам публиката да биде фер и коректна. Очекувам како и на секој натпревар да се потрудиме да победиме. Што ќе донесе играта ќе видиме“,
истакна Милевски.