Португалското претседателство и натаму вложува напори да се изнајде решение помеѓу Скопје и Софија за да може пред крајот на јуни да се отворат преговорите со Северна Македонија, но и да не се одвои од Албанија, вели државната секретарка за Европа на Португалија, Ана Паула Закариаш, која претседаваше со денешниот Совет за општи работи каде заседаваат министрите за европски прашање и тело кое ја носи одлуката за почетокот на преговорите со земјите кандидати.
„Португалското претседателство се обидува да турка за двете земји да започнат преговори во исто време и ќе продолжиме да го правиме тоа, ангажирани сме со сите релевантни власти за да видиме како претседателството може да ги поддржи преговорите и да ја свика првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија за време на нашето претседавање“,
изјави за МИА, Закариаш, на прес конференцијата по министерскиот состанок.
Државната секретарка нагласи исто така дека се водат разговори и со Скопје и со Софија за да се надмине блокадата на патот на Северна Македонија.
„Разговараме со релевантните македонски власти и исто така со бугарските власти и даваме се од себе за да видиме дали постои можност за преговори до јуни“,
додаде Закариаш.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, повтори дека ставот на неговата институција е дека Северна Македонија ги исполнила сите услови и е подготвена да го започне преговарачкиот процес.
„Нашата проценка не е сменета и ова беше јасно пренесено на средбата помеѓу претседателката Фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев“,
рече Шефчович, додавајќи дека шефицата на Европската Комисија ги пофалила извонредните реформски напори на државата и изразила надеж дека ќе се тргне напред со С Македонија.
Вториот човек на Европската Комисија истакна дека тие го имаат и поширокиот геополитички контекст на ум кога станува збор за Северна Македонија за која ЕУ е единствената стратешка опција.