Како што беше најавено, денеска пред почетокот на рочиштето група граѓани протестираа пред зградата на Основниот суд во Тетово барајќи ослободување од вина на д-р Бобан Вучевски
Главната расправа за случајот со пожарот во тетовската модуларна болница, закажана за денеска, се одложи откако во судот во Тетово не се појави еден од двајцата обвинети директори на болницата – Артан Етеми.
Неговите адвокати, како што пренесува „Слободен печат“, известиле дека обвинетиот е во тешка здравствена и психичка состојба поради смртта на неговата мајка.
Поради овие околности, судот рочиштето го презекажа за 31 јануари.
Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
Како што беше најавено, денеска пред почетокот на рочиштето група граѓани протестираа пред зградата на Основниот суд во Тетово барајќи ослободување од вина на д-р Бобан Вучевски. Тие истакнаа дека вистинските виновници за пожарот не се во судницата и против нив нема покренато обвинение.
Неговото влегување во судот беше поздравено со аплаузи.
Граѓански протест имаше и пред почетокот на претходното рочиште, на 27 декември, кога дел од собраните во изјави за медиумите порачаа дека за пожарот не постои лекарска вина и нема логика доктор да одговара за пожар.