Министерот за здравство порача дека пристапувањето кон оваа програма значи инвестиција во подобри здравствени услуги, посилни институции и подобри услови за пациентите и здравствените работници, како и значаен чекор за европската интеграција на македонското здравство
Денес го направивме еден од најважните чекори за иднината на македонското здравство. Ова го порача министерот за здравство Азир Алиу откако денеска заедно со еврокомесарот за здравство Оливер Вархеји во Брисел го потпиша договорот за учество на Северна Македонија во „EU4Health“ – најголемата програма на Европска Унија во областа на здравството.

На прес-конференцијата со еврокомесарот Вархеји пред потпишување на договорот, Алиу порача дека пристапувањето кон оваа европска програма значи инвестиција во подобри здравствени услуги, посилни институции и подобри услови за пациентите и здравствените работници. Ваквиот чекор, додаде министерот за здравство, е значаен за европската интеграција на македонското здравство и потврда дека реформските процеси во земјата се движат согласно европските стандарди и приоритети.
„Со потпишувањето на договорот, нашата држава станува дел од европските напори за зајакнување на здравствените системи, унапредување на јавното здравје, дигитализација на здравствените услуги, подобрување на подготвеноста за здравствени кризи и обезбедување поквалитетна здравствена заштита за граѓаните. Со ‘EU4Health’, нашите реформи добиваат дополнителна европска поддршка, знаење и партнерства“,
рече Алиу на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за здравство.
Министерот посочи дека учеството на земјава во програмата ќе овозможи македонските здравствени институции и експерти да се вклучат во европски мрежи, заеднички проекти и иницијативи насочени кон подобрување на здравствените политики и услуги. Оцени дека потпишувањето на договорот е важен сигнал дека земјава не само што ја декларира својата европска определба туку ја претвора во конкретни политики и можности за граѓаните.
