Вистинските виновници не се кријат овде денеска во судот, тие треба да се најдат таму каде што се, рече еден од присутните граѓаните на протестот
Жители на Тетово се собраа пред зградата на Основниот суд во знак на поддршка на лекарот Бобан Вучевски, еден од обвинетите за пожарот во тетовската модуларната болница во септември 2021 година. Протестот се организира додека во судската зграда треба да се одржи ново рочиште за пожарот во кој загинаа 14 луѓе.
Дел од насобраните граѓани во изјави за медиумите истакнаа дека дошле да му дадат поддршка на лекарот бидејќи сметаат дека е неправедно обвинет. Според граѓаните, за пожарот не постои лекарска вина и нема логика лекар да одговара за пожар.
„Јас не сум да се амнестираат виновници, но вистинските виновници не се кријат овде денеска во судот, тие треба да се најдат таму каде што се. Да се работи за лекарска грешка во ред, тука не се работи за лекарска грешка, за техничка грешка се работи за која треба да одговара некој друг, а тој друг се знае кој е, тоа се авторите на овие објекти што ги градат низ Македонија“,
изјави жител на Тетово, јави дописникот на МИА.
Друг од насобраните граѓани за лекарот сподели дека за време на кризата тој го дал својот максимум и покажал како треба еден лекар да изгледа, човек кој се грижи за граѓаните.
„Беше 24 часа достапен за време на ковид-кризата“,
рече уште една од присутните на протестот.
За пожарот во модуларната болница, покрај лекарот Вучевски, обвинети се двајцата тогашни директори Флорин Бесими и Артан Етеми и Клиничка болница како правно лице.