Во пресрет на денешното рочиште пред судот во Тетово се одржа и протест на граѓани за поддршка на докторот Вучевски, според кои, тој не треба да седи на обвинителна клупа
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово, на денешното рочиште за пожарот во модуларната ковид-болницата на 8 септември лани во кој загинаа 14 лица, денеска ги презентираше материјалните докази, а на следното рочиште треба да се испитаат и сведоци.
Презентацијата на материјалните докази се одвиваше со цитирање на насловите, на што забелешка имаше одбраната велејќи дека тие треба и да се образложат. Адвокатите посочија и дека од списокот со докази недостигаат одреден број наслови, како и дека дел од нив содржат недостатоци кои ги прават неупотребливи.
Следната главна расправа во овој судски процес е закажана за 16 јануари 2023 година за кога судот најави дека ќе испрати покани до сведоците предложени од ОЈО Тетово.
Обвинети за овој случај се двајцата директори на тетовската болница Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница Тетово како правно лице. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а во пресрет на денешното рочиште пред судот во Тетово се одржа и протест од граѓани за поддршка на докторот Вучевски, според кои, тој не треба да седи на обвинителна клупа.