Во изјава за ТВ Алсат, деканот на Правниот факултет при Државниот универзитет Тетово, Сафет Емрули, изјавил дека поради вршење јавна функција до август годинава, кога се вратил на работа, Груби го суспендирал работното место, но неколкудневното отсуство од работа без појаснување значи преземање мерки против него
Државниот универзитет во Тетово ја започна законската постапка за разрешување на Артан Груби од позицијата доцент на Правниот факултет на отсекот новинарство, објави вчера ТВ Алсат.

Во изјава за телевизијата, деканот на Правниот факултет, Сафет Емрули, изјавил дека поради вршење јавна функција до август годинава, кога се вратил на работа, Груби го суспендирал работното место, но неколкудневното отсуство од работа без појаснување значи преземање мерки против него.
„Од минатата недела наведениот не се појавил на работното место, што значи дека не ги исполнил обврските од Законот за работни односи и Законот за високо образование. Случајот го процесиравме согласно законските одредби и започнавме постапка за соодветни мерки согласно законот. Наскоро ќе бидете информирани за одлуката што ќе ја донесеме како Универзитет“,
изјавил Емрули за ТВ Алсат.
На ваквите наводи во меѓувреме реагираше владејачката коалиција „Вреди“.
Оттаму во писмена реакција ја поздравија одлуката на тетовскиот универзитет и порачаа оти Груби не ги исполнува моралните и професионални критериуми за да предава пред студентите поради обвинувањата за бегство од правдата, но и поради своето, како што велат, проблематично минато. Додаваат оти човек што избегал да се соочи со правдата не може да биде позитивен пример за младите.
„Коалицијата ‘Вреди’ претходно ѝ соопшти на пошироката јавност дека просечната оценка на Груби од додипломските студии е 7, што значи дека студент од ваков калибар не може да се појави пред студентите. Академскиот кредибилитет не се мери само со говори, туку со посветеност на етичките принципи и почитување на општествените норми, кои Груби се чини дека ги поткопувал во текот на неговата кариера“,
велат од коалицијата.
Оттаму ја обвинија матичната партија на Артан Груби за култура на неодговорност поради, како што велат, вклучувањето луѓе со контроверзно минато на јавни и академски позиции. Со ова, велат од „Вреди“, ДУИ покажува недостиг на морален и професионален стандард наместо да промовира меритократија и одговорност.