Арсовска вели дека „владејачката коалиција ДПМНЕ-СДСМ е најкриминогената структура и затоа смета дека е цинично нејзин претставник да биде загрижен за некакви провизии
Поради коалицијата ДПМНЕ-СДСМ граѓаните нема да добијат нови еколошки автобуси во Скопје, реагираа преку соопштение од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска откако денеска втор пат таа не доби поддршка од советниците за земање кредит од 10 милиони евра за набавка на нови екоавтобуси.
„За да немаат изговори, втора седница по ред од говорницата во Советот на град Скопје градоначалничката на советниците им даде можност целокупниот процес околу проценка, избор на финансиска институција за финансирање на набавката како и правењето на спецификацијата за нови автобуси и изборот на компанија која ќе ги набави истите да ја направат токму тие, советниците во Советот на Град Скопје. Но, нивните глави се полни со коруптивни шеми, провизии од тендери и криминал. За жал, ова се рефлектира врз граѓаните на градот Скопје кои токму поради оваа владејачка коалиција ДПМНЕ-СДСМ нема да добијат нови еколошки автобуси“,
реагираат од кабинетот на Арсовска.
Во соопштението оттаму реагираат и на говор на советник кој изразил загриженост за земање провизии за автобусите, за што градоначалничката вели дека е цинично советник од коалицијата ДПМНЕ-СДСМ да биде „загрижен“ за такво нешто.
„Траги-комично звучи кога припадник на владејачката ДПМНЕ-СДСМ зборува за наводен криминал, корупција и провизии. Колку за потсетување коалицијата ДПМНЕ-СДСМ е најкриминалната структура во Р. Македонија, со илјадници кривични пријави и стотици пресуди токму за криминал и корупција, но и злоупотреба на службена положба и овластување. Затоа, цинично, несериозно и потценувачки звучи кога токму советник од оваа коалиција е ’загрижен‘ за некакви провизии“,
велат од кабинетот на Арсовска.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, за провизии од говорницата зборуваше советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски, кој рече дека предлогот за домашно долгорочно задолжување на Град Скопје за набавка на екоавтобуси е затоа што градоначалничката Данела Арсовска сака да го задолжи градот само за да земе лично провизии од целата таа постапка.
Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, пак, бараше повеќе детали за набавката што сака да ја направи градоначалничката, по која каматна стапка ќе биде заемот, какви карактеристики ќе бидат автобусите итн.
Поддршка Арсовска не доби од мнозинството, па „за“ гласаа само 14 советници, четворица беа воздржани, а ниту еден немаше против.