Градоначалничката Арсовска им порача на советниците дека доколку ги интересираат граѓаните тие сами да ги определат сите детали за кредитот и сите услови, а дека службите на Градот само ќе ги спроведат во јавната набавка
Советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје рече дека предлогот за домашно долгорочно задолжување на Град Скопје за набавка на екоавтобуси е затоа што градоначалничката Данела Арсовска сака да го задолжи градот само за таа да земе провизии од целата постапка
По разгледувањето на оваа точка на седницата и нејзиното неприфаќање, пристигна реакција од Град Скопје, во која се вели дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денес уште еднаш ја потврдија нивната владејачка коалиција, која очигледно е актуелна и во Советот на град Скопје
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска повторно не доби поддршка од советниците за земање кредит од 10 милиони евра за набавка на нови екоавтобуси.
На денешната седница со 14 гласа „за“, 4 „воздржани“ и ниту еден „против“, советниците на Град Скопје одлучија повторно да не ја поддржат иницијативата за задолжување, предложена од градоначалничката Арсовска.
Советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров, од говорницата ја повика градоначалничката Арсовска да даде повеќе детали за набавката на новите екоавтобуси, по која каматна стапка ќе биде заемот и така тие да одлучат дали ќе ја поддржат иницијативата.
„Пред да дадеме поддршка за ова позајмување, сакаме да знаеме во каква финансиска состојба е Градот. Според мене, треба да се изработи проект, да се знае колку автобуси и со какви карактеристики е планирано да се купат. Така се бара поддршка, со посериозен проект. А, ние само знаеме дека задолжувањето е 620 милиони денари и ништо повеќе од тоа. Но, ако ‘Бас рапид транзит’ се реализира, приватните автобуси се враќаат на улиците, не гледам зошто има потреба да се задолжуваме“,
рече Шутаров.
Градоначалничката Арсовска рече дека веќе се навлегува во делот на политиката и дека тоа не е работење во интерес на граѓаните.
Арсовска возврати дека Градот е во добра финансиска кондиција и дека пред извесно време е вратен долгот за кредитот што го има земено претходното раководство.
„Доколку ве интересираа граѓаните, уште пред три седници ова ќе беше изгласана точка. Три седници по ред ги даваме одговорите и на секоја наредна седница додека не се изгласа предлогот ќе го кажуваме истото. Треба да знаете дека станува збор за пазарна економија и не можеме да ви кажеме ние кој ќе се пријави за јавната набавка, со каква понуда и по која цена и кој ќе се избере. Тоа ние не можеме да го знаеме. Вака се вршат сите јавни набавки во земјава“,
одговори Арсовска.
Таа им порача на советниците, доколку ги интересираат граѓаните, тие сами да ги определат сите детали за кредитот и сите услови, службите на Градот само ќе ги спроведат во јавната набавка.
„Вие земете ги во комисијата сите понуди што ќе стигнат и вие одлучете во име на граѓаните што е најдобрата понуда за нив. Никој во Градот нема да се замеша. Нема простор за изговори зошто не сакате граѓаните да се возат во квалитетни автобуси. Градот и претходните години се има задолжувано, но никогаш не се воделе вакви дискусии затоа што немало политика“,
рече Арсовска.
Но, и оваа понуда беше одбиена од страна на поголемиот дел од советниците кои побараа токму градоначалничката да дава образложенија.
Советникот од Левица, Реџеп Исмаил, рече дека единствена причина зошто двете најголеми партии не го поддржуваат овој проект и не дозволуваат да се купат нови автобуси е тоа што немаат удел во локалната власт и немаат удел во тоа како ќе се набавуваат автобусите.
„Тоа е единствената причина. Централната власт го бојкотира градот затоа што градоначалникот не е од нивната партија. Истото се случува и со другата најголема опозициска партија. Граѓаните треба да знаат дека ова е нивни изговор за понатаму да вперуваат прсти и да обвинат некој друг за лошиот јавен превоз“,
рече Исмаил.
Филип Јаневски, советник од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, рече дека предлогот за домашно долгорочно задолжување на Град Скопје за набавка на еко автобуси е затоа што градоначалничката Данела Арсовска сака да го задолжи градот само за да земе лично провизии од целата таа постапка.
„Тие пари се на граѓаните, не се на Данела. Ако за вас 10 милиони евра се малку пари, слободно дајте ги од ваш џеб па да не се задолжуваме воопшто и ќе купиме нови автобуси. Оваа нетранспаретност која ја покажувате, која сите ја гледаат е одраз на ситуацијата во советот, не можете вие со таков игнорантски однос и со вакви лични квалификации што мене не можат да ме допрат бидејќи ми е под секое ниво. Но, не можете вие со таков игноратски однос кон 45 советници, претставници на 100 000 луѓе овде така да се однесувате, ноншалантно“,
рече тој.
Јаневски во текот на своето обраќање укажа дека треба јавно да се знаат каде се трошат парите на граѓаните и дека градоначалничката Арсовска глуми дека сака да го обнови возниот ред со што сака да набави нови автобуси.
„Потранспарентни, поотчетни само тоа бараме. Не бараме вие мене да ме викате на кафе, на ручек или било каде, барам да седнеме, да разговараме, професионално како градоначалник и советник. Од друга страна ако не сакате да разговараме, нема проблем, дилемите ќе останат, резервата ќе остане и јас нема да ја поддржам оваа одлука се додека не знам каде точно ќе се трошат овие пари. А вие под превезот на тоа дека се грижите за граѓаните и дека сакате да го обновите возниот ред, да си лапнете некоја провизија“,
додаде тој.
На ова градоначалничката Арсовска му врати: „само тендери и провизии ви се во главата бе луѓе“.
„Тендер коалиции, тендер матрици, тендер проблеми. Само такви проблеми имате, други некакви немате во животот. Знаат граѓаните многу добро кој е по тендерите и провизиите. Дајте жити мајка направате нешто за нив, гласајте за нив“,
рече Арсовска.
Разгледувањето на оваа точка од дневниот ред заврши со поединечно гласање на советниците и со неприфаќање на предлогот.
По разгледувањето на оваа точка на седницата и нејзиното неприфаќање, пристигна реакција од Град Скопје, во која се вели дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денес уште еднаш ја потврдија нивната владејачка коалиција, која очигледно е актуелна и во Советот на Град Скопје.
„Она што јавноста треба да го знае е дека токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои годишно земаат скоро половина милион евра за паушали, трет пат ја одбиваат одлуката за купување нови, модерни и еколошки автобуси, кои треба да го заменат стариот возен парк на ЈСП ‘Скопје’, но и да понудат европски стандарди во јавниот превоз. За жал, очигледна е потребата на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да го кочат напредокот на градот, како што тоа досега го правеа и со државата. Ја кочат секоја одлука која не е нивна, иако е во корист на граѓаните. За овие две владејачки партии единствен интерес се процентите и тендерите. Оваа одлука не ја гласаат единствено поради тоа што се оневозможени повторно да прават криминал“,
се вели во реакцијата од Градот.
Оттаму порачуваат дека предлог-одлуката за купување нови еколошки автобуси ќе биде предлагана на секоја следна седница на Советот, при што се надеваат дека партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се вразумат и ќе одлучат во корист на граѓаните на Скопје.