На гаснењето на пожарот интервенирале шест пожарникари со две противпожарни возила
Во врска со пожарот на скопската дива депонија реагираше иницијативата „Стоп за Вардариште“. Оттаму ги повикаа надлежните да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а МВР да го врати полициското присуство на депонијата
Преку единствениот број за итни случаи попладнево е добиена пријава за пожар на дивата депонија кај Вардариште, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот е изгаснат во периодот од 17:30 до 18:40 часот попладнево. На гаснењето интервенирале шест пожарникари со две противпожарни возила.
Во врска со пожарот на скопската дива депонија реагираше иницијативата „Стоп за Вардариште“ која ги предводеше повеќемесечните протести во Скопје откако на крајот на август минатата година избувна голем пожар на дивата депонија. Оттаму ги повикаа надлежните да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а МВР да го врати полициското присуство на депонијата.
„По протестите и јавниот притисок кон крајот на минатата година, Вардариште не гореше цели 7 месеци, но денес повторно сме сведоци на истото сценарио – чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните. Доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, нема да останеме мирни, а ќе бидеме приморани и на потенцијално ново активирање на блокадите. Нема да дозволиме Вардариште повторно да го труе Скопје!“,
велат од иницијативата „Стоп за Вардариште“.
Според информациите на ЦУК, освен кај Вардариште, попладнево е пријавен и пожар на депонија во Арачиново.
