Во судската постапка, која заврши со пресуда со која се одбива обвинението бидејќи надлежното Обвинителство го повлекло, како што наведува кумановскиот градоначалник и лидер на Движењето ЗНАМ, биле презентирани многу факти и аргументи како докази од неговиот адвокатски тим кои, според него, ги побиле обвинувањата и потврдиле дека работел по закон во заштита на јавниот интерес
Конечно правдата излезе на виделина, вели градоначалникот на Куманово и претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, за одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да го повлече обвинението против него врз основа на кое се водеше судски процес во кумановскиот суд.

Димитриевски, кој преку партијата со која раководи е дел и од извршната власт, вели дека пред изборите лани рекол дека станува збор за политички монтиран процес од страна на, како што вели, урбано-политичка бизнис-спрега што била позната во општината.
„Бранев јавен интерес и тогаш и сега ги застапувам интересите на граѓаните. Како човек кој верува во институции и малкуте професионалци кои ги има во нив, а во овој случај и во узурпираниот обвинителско-правосуден систем, поминав низ долго патешествие и присуствував на секое рочиште пред судот“,
вели кумановскиот градоначалник за МИА.
Во судската постапка, како што наведува тој, биле презентирани многу факти и аргументи како докази од неговиот адвокатски тим кои, според него, ги побиле обвинувањата и потврдиле дека работел по закон во заштита на јавниот интерес.
„Правдата победи! Трошоците на постапката ќе бидат надоместени според закон, а јас во иднина ќе информирам за моите понатамошни правни дејствија“,
соопшти Димитриевски.
Инаку, обвинението против кумановскиот градоначалник беше поднесено лани во април врз основа на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки Детален урбанистички план. Со тоа, како што велат тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55 000 евра.
Димитриевски, пак, велеше дека тогашната власт преку некакви неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службена положба и овластување се обидува да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста пред претстојните претседателски избори, на кои тој беше кандидат.
Иако судскиот процес беше при крај, кумановскиот Основен суд вчера донел пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението.
Образложувајќи ја ваквата одлука, од Обвинителствбото денеска соопштија дека таа е донесена откако по изведувањето на сите докази во текот на судската постапка, вклучувајќи ги и исказите на вештите лица, утврдено е дека веќе не постои штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.
Од Обвинителството додадоа дека и покрај сите преземени дејствија утврдено е дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност. Поради ова, јавниот обвинител имал обврска да го повлече поднесеното обвинение.
За ваквиот епилог на судскиот процес против Димитриевски денеска реагираше опозицискиот Социјадемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде што оценуваат дека станува збор за скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност.
„Ова е од Обвинителство под контрола на власта, кое не работи во интерес на правдата и граѓаните, туку во интерес на политички договори, заткулисни игри и заштита блиски до власта“,
рече Соња Тодоровска, секретар на општинската организација на СДСМ Куманово, во денешната изјава за медиуми.
Таа упати прашање по чиј налог е повлекувањето на обвинението и побара итна истрага во самото обвинителство за тоа кој го донел решението за повлекување на обвинението и со какви мотиви.