Врховниот суд минатата недела пресуди дека е неуставно да се прекине бременоста поради вродени оштетувања на фетусот, и со тоа стриктно се забрануваат речиси сите абортуси во Полска
Изминатите шест дена се одржуваат протести организирани од активистите за женски права
Потпретседателот на полската влада, лидерот на владејачката конзервативна партија Право и правда, Јарослав Качински, синоќа ја отфрли можноста за преиначување на пресудата на Уставниот суд од минатата недела со која се забранува абортусот и ги повика Полјаците по секоја цена да ја бранат црквата од протестите што уследија по оваа одлука.
„Тоа е обврска на државата, но и обврска на граѓаните. Посебно мора да ја браниме полската црква. Ги повикувам сите членови на Право и правда и тие што нѐ поддржуваат да застанат во одбрана на црквата“,
напиша Качински на социјалните мрежи.
Ова е прво обраќање на Качински, иако секоја вечер група демонстранти доаѓаат пред неговиот дом.
Пратеничките од опозициската Левица вчера во Сејмот стоеја мирно пред него. Тие на лицата имаа маски со апликација на молња, симбол на протестите против законот за абортус.
Поглаварот на Полската католичка црква, надбискупот Војчек Полак, кој припаѓа на либералното крило на полските католици, од почетокот апелира да се смират страстите и да се почне разумен дијалог за законот за абортус, без насилство. Тој упати и апел до демонстрантите да не ги сквернават црквите со боја и натписи, бидејќи за законот за абортус одлучува парламентот, а не Полската католичка црква.
„Морална обврска на христијаните е деескалација на конфликтот, а не негово интензивирање“,
истакна Полак.
За разлика од него, премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, вчера изјави дека мора да бидат запрени масовните протести поради ризикот од ширење на коронавирусот.
Во Полска изминатите шест дена се одржуваат протести организирани од активистите за женски права, по одлуката на Врховниот суд минатата недела дека е неуставно да се прекине бременоста поради вродени оштетувања на фетусот, и со тоа стриктно се забрануваат речиси сите абортуси во Полска.
Одлуката на судот сѐ уште не стапи во сила бидејќи сѐ уште не е официјално објавена.
Невладината организација Федерација на жени и планирање на семејството соопшти дека годишно во Полска се извршуваат од 100 000 до 150 000 абортуси, од кои некои илегално, а некои во странство.