За разлика од Европската Унија, која токму овој месец ја укина визната либерализација и го намали бројот на одобрени шенген-визи за руските граѓани, Полска, како и балтичките земји, повеќе не дозволуваат Русите да ги преминуваат нивните граници, освен во исклучителни хуманитарни случаи, или ако се работи за противниците на рускиот режим. Финска одби да се приклучи на таа заедничка мерка правдајќи се со тоа дека ќе го прекрши финското и меѓународното право
Шефот на полското биро за национална безбедност Павел Солох смета дека одлуката на балтичките земји да не им дозволуваат влез на Русите кои бегаат поради мобилизација е оправдана и предупреди дека доколку бегството е масовно, потребна е координација на одлуките со балтичките земји и Финска.
„Балтичките земји одлучија дека нема отстапки за ослободување на Русите. Едноставно постои ризик од хибридни акции и провокации. Под превезот на дезертери, саботери или луѓе поврзани со руските вооружени сили можат да навлезат на територијата на тие земји“,
изјави Солох за полската телевизија Полсат.
Солох нагласи дека е неопходно да се процени колку Руси навистина одбиваат да се мобилизираат и колкава е паниката.
„Доколку навистина започне масовниот егзодус од Русија, во илјадници луѓе, треба да го координираме со другите земји во регионот, пред се со балтичките земји, но и со Финска, која сака да се приклучи на НАТО“,
рече Солох.
За разлика од Европската Унија, која токму овој месец ја укина визната либерализација и го намали бројот на одобрени шенген-визи за руските граѓани, Полска, како и балтичките земји, повеќе не дозволуваат Русите да ги преминуваат нивните граници, освен во исклучителни хуманитарни случаи, или ако се работи за противниците на рускиот режим. Финска одби да се приклучи на таа заедничка мерка, оправдувајќи ја со тоа дека ќе го прекрши финското и меѓународното право.
Шефот на полското биро за национална безбедност оцени дека одлуката за делумна мобилизација во Русија не ги зголемила воените закани за Полска.
„Воената опасност за Полска не е зголемена. Последиците од руската мобилизација може да ги почувствуваат Украинците за неколку недели, но ништо нема да се промени во наредните денови. Таа одлука сведочи за поразот на Путин, но без сомнение се работи за ескалација. Вербална ескалација почнувајќи со многу неодредена употреба на нуклеарно оружје, што е многу малку веројатно“,
рече Солох.
За Полска, сепак, според Солох, ова е знак дека мора да изврши уште поголем притисок врз Западот за дополнително зајакнување на источното крило на НАТО.
Најавата за мобилизација предизвика Русите масовно да ја напуштаат земјата. Авиобилетите за дестинации за кои не е потребна виза се распродадени, а оние што остануваат, пишуваат медиумите, се достапни само за петок, по цена од илјада евра и повеќе.
Од синоќа се регистрираат колони на руско-грузиските гранични премини.
Границите на Грузија сè уште се отворени, но, како што пренесуваат медиумите, на некои мажи им е забранет влезот во земјата.
Во исто време, бројот на Руси кои се обидуваат да влезат во Финска се зголемува од час во час. Тоа е единствената граница која сè уште е отворена за руските цивили со шенген-визи, кои се обидуваат да ја напуштат земјата.
Балтичките земји од Европската Унија – Летонија, Литванија и Естонија, кои се граничат со Русија, веќе најавија дека нема да понудат засолниште на оние што бегаат од руската мобилизација.
„Одбивањето да се исполни својата граѓанска должност во Русија, или желбата да се стори тоа, не е доволна основа за добивање азил во друга земја“,
изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалум.
Летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс ја наведе загриженоста за безбедноста, а литванското Министерство за внатрешни работи објави дека секој случај за азил ќе се разгледува посебно.
Трите балтички земји и Полска во понеделникот на полноќ почнаа да ги одвраќаат руските граѓани од нивните граници велејќи дека не треба да патуваат додека нивната земја е во војна со Украина.
Забраната ги исклучува руските дисиденти кои бараат азил во ЕУ, заедно со возачите на камиони, бегалците и постојаните жители на земјите од ЕУ, како и оние што ги посетуваат членовите на блиското семејство.

Масовното иселување на Русите го објавува и „Флајт радар“, позната веб-страница која се занимава со следење летови. Тие објавија кратко видео на кое се гледа воздушниот сообраќај од Москва и Санкт Петербург направен утрово. Од видеото се гледа дека сообраќајот е зголемен, а најголем дел од летовите завршиле во Турција.
Путин вчера во говорот рано наутро најави делумна мобилизација во оваа земја и изјави дека Западот покажал дека има за цел да ја уништи Русија и ја користи Украина како „топовско месо“.
Околу 300 000 резервисти ќе бидат повикани да се борат против Украинците бидејќи руската армија доживеа катастрофални загуби на фронтот во последните денови.