Во писмото до Европската комисија, полскиот министер за дигитализација наведува дека Националниот тим за одговор на киберинциденти на Полска пронашол 122 реклами кои биле класифицирани како лажни за време на тестирањето
Полскиот министер за дигитализација Кшиштоф Гавковски ја повика Европската комисија да изрече казна од 250 милиони евра за „Мета“, обвинувајќи ја компанијата дека не успеала соодветно да се справи со лажните реклами.

Во писмото до Европската комисија се наведува дека Националниот тим за одговор на киберинциденти на Полска пронашол 122 реклами кои биле класифицирани како лажни за време на тестирањето.
„Во 106 случаи, или 86,8 проценти од извештаите, ‘Мета’ го затворила случајот со одлука да не ја отстрани рекламата. Само 10 реклами биле отстранети, а во шест случаи не бил даден одговор. Дигиталните платформи мора да сносат целосна одговорност за своите постапки. Затоа, по анализата на материјалите, испратив формално барање до Европската комисија да ја казни платформата со 250 милиони евра. Очекувам Европската комисија брзо да ја спроведе постапката и да ја изрече казната. Има повеќе од доволно докази“,
соопшти полскиот министер за дигитализација.
Тој дополнително ја повика „Мета“ веднаш да имплементира ефикасни алатки за елиминирање на измамите, лажното рекламирање и промоцијата на нелегални апликации.
