Полицискиот час од денеска ќе почнува во 16 часот, а ќе завршува во 5 часот наутро во текот на работните денови. За време на викендите, пак, ќе има целосна забрана за движење.
Од денеска важат и нови правила за старосните групи. Така, лицата над 67 години можат да се движат надвор само во периодот од 10 до 12 часот, а младите до 18 години можат да излегуваат само од 13 до 15 часот.
На јавни места е забрането движење на повеќе од двајца граѓани во групи, освен ако се работи за родител со свои деца кои имаат под 14 години.
За земјоделските активности, дозволено е движење во територијата на селата и тоа само за работни потреби.
Забраната не важи за полицијата, армијата, здравствените работници, како и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.
Што се однесува до маркетите, тие треба да го приспособат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес.
Општинските кризни штабови треба да определат маркети кои ќе обезбедуваат најнеопходни намирници за време на забраната за движење, а оние маркети што се регистрирани да вршат достава на храна преку онлајн-порачки, непречено треба да ја извршуваат својата работа во сабота и недела. Штабовите, заедно со МВР, треба да го организираат движењето на волонтерите кои ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.