Прогласување вонредна состојба, според информациите, и овој пат не е опција, затоа што одлука за тоа првично би требало да донесе парламентот за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство
Иако Заев, како и министерот Филипче, излезе со оценки дека се намалува преносливоста на вирусот, сепак, смета дека се потребни дополнителни рестрикции, покрај личните мерки за заштита
Нови рестрикции за спречување на ширењето на ковид-19 се очекува да произлезат како препорака од утрешната седница на Советот за безбедност, кој ќе заседава повторно по дваесетина дена „пауза“.
Една од опциите, според извори од владејачкиот табор, е Владата да предложи прогласување кризна состојба, поверојатно на целата територија на државата.
Другата опција е воведување нов полициски час, што премиерот Зоран Заев го спомна како опција во вчерашното интервју на ТВ 21.
Иако Заев, како и министерот за здравство Венко Филипче, излезе со оценки дека се намалува преносливоста на вирусот, сепак, смета дека се потребни дополнителни рестрикции за справување со епидемијата, покрај личните мерки за заштита.
Прогласувањето кризна состојба е предвидено со Законот за управување со кризи. Кризна состојба се прогласува заради справување со кризна ситуација која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на државата или на дел од државата.
На почетокот на епидемијата кризна состојба беше прогласена во Дебар и во Центар Жупа.
Според Законот за управување со кризи, кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку постои потреба од подолг период, тогаш Собранието мора да го одобри тоа.
Според информациите, прогласување кризна состојба и воведување полициски час не се мерки што се исклучуваат меѓусебно, така што е можно и нивно комбинирање за спречување ширење на ковид-19 на територијата на државата. И во периодот од неколку месеци, кога државата беше во вонредна состојба, во неколку наврати беа носени одлуки за полициски час со различно времетраење.
Во изминатиот период, властите во земјава, во неколку наврати, ја отфрлија можноста за „враќање“ на вонредната состојба, и покрај забавеното темпо на носење закони во парламентот, поради тенкото мнозинство и ширењето на инфекцијата и кај дел од пратениците.
Прогласување вонредна состојба, според информациите, и овој пат не е опција, затоа што одлука за тоа првично би требало да донесе парламентот за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство.
На утрешната седница на Советот за национална безбедност, како што соопштија од претседателскиот кабинет, ќе се разговара за актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 на територијата на државата, како и за мерките и активностите на надлежните институции.
На десеттата седницата, која ќе се одржи напладне во вилата „Водно“, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче.
Последната седница на Советот за безбедност се одржа на 29 октомври, кога, исто така, се разгледуваше ситуацијата со ковид-19.