Секојдневно се следи состојбата на терен и, доколку има потреба, Комисијата за заразни болести ќе препорача и дополнителни рестриктивни мерки
Евентуална следна мерка би можела да биде полициски час
Министерот за здравство Венко Филипче смета дека засега не е потребно воведување нови рестриктивни мерки, како полициски час, бидејќи анализите покажале дека преносливоста на вирусот е намалена.
Но, сепак, апелира за строго почитување на мерките за заштита поради сериозниот притисок на здравствениот систем и брзото исполнување на болничките капацитети, како и недостиг на медицински кадар.
„Анализите покажуваат дека е намалена преносливоста на вирусот. Ер нула (R0) факторот на преносливост е намален од 1,5 на близу 1, што значи дека еден човек при непосреден контакт претходно заразувал 1,5 човек, а сега тоа е помалку од еден“,
објасни Филипче додавајќи дека мерките даваат резултати, иако предупреди дека вирусот е непредвидлив и може да дојде до нагло влошување на клиничката состојба на пациентите, поради што е потребна хоспитализација, а тоа е дополнителен притисок врз здравствениот систем.
Тој признава дека, за разлика од пролетта и летото, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија, и покрај сите мерки не може да се зборува за целосно елиминиран ризик во делот со хоспитализацијата и брзото пополнување на болничките капацитети, како и недостигот од медицински кадар.
Тој вели дека пренамената на повеќе одделенија за третман на пациенти со ковид, многу веројатно е дека за извесен краток период може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот „Мој термин“, како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни.
Филипче нагласи дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен и, доколку има потреба, Комисијата за заразни болести ќе препорача и дополнителни рестриктивни мерки, а евентуална следна мерка би можела да биде полициски час.