Извор за подгоричкиот весник „Вијести“ тврди станува збор за поглавјето 15 – Енергетика, а пречката е истражувањето нафта и гас во дел од морето, со оглед на тоа што двете земји сè уште немаат утврдено дефинитивна граница на море. Друг извор, пак, како причина го наведува прашањето за енергетскиот кабел
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера, за време на одбележување на 35-годишнината од падот на Вуковар, изјави дека Загреб нема намера да отстапи од своите позиции и оти очекува конкретни резултати и од Црна Гора и од Србија
Хрватска вчера го блокирала затворањето на уште едно, вкупно трето преговарачко поглавје на Црна Гора во процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија (ЕУ). На состанокот на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР), официјален Загреб не дал зелено светло за затворањето на Поглавјето 15 – Енергетика за Црна Гора, а истовремено повторно ставил вето и на Поглавјето 14 – Сообраќајна политика, објави подгоричкиот весник „Вијести“.

Иако од Подгорица порачуваат дека отворените билатерални прашања не треба да се користат како инструмент за условување на завршницата на евроинтегративниот процес, пораките од Хрватска се децидни – нема попуштање додека не се исполнат нивните барања.
Што е спорно во енергетиката?
Причините за блокадата на Поглавјето 15 официјално не се соопштени од Брисел, а досега не се огласиле ниту владите во Загреб и Подгорица. Информациите што доаѓаат од дипломатски извори, пак, нудат различни толкувања. Еден извор за „Вијести“ тврди дека пречката е истражувањето нафта и гас во дел од морето, со оглед на тоа што двете земји сè уште немаат утврдено дефинитивна граница на море. Друг извор, пак, како причина го наведува прашањето за енергетскиот кабел. Соговорник на весникот од црногорската влада, пак, неофицијално ги демантирал ваквите тврдења.
Спорот меѓу Загреб и Подгорица околу морската граница, исклучивиот економски појас и истражувањето јаглеводороди во пограничните блокови трае повеќе од една деценија.
Во 2014 година Загреб ја обвини Црна Гора дека за истражување за наоѓалишта на нафта и гас во Јадранското Море одредила подрачја што ѝ припаѓаат на Хрватска. Една година подоцна, официјална Подгорица испрати протестна нота до Одделението на Обединетите нации за прекуморски работи и право на море (ДОАЛОС), поради хрватски тендер за истражување и експлоатација на јаглеводороди во областа Превлака.
Границата кај полуостровот Превлака, на самиот влез во Бококоторскиот Залив, останува отворено прашање уште од распадот на поранешна Југославија. По повлекувањето на набљудувачите на ОН (1996 – 2002), на сила стапи Протоколот за привремен граничен режим. Според него, Хрватска го контролира копнениот дел од полуостровот и морски појас од 550 метри на влезот во заливот, додека акваториумот покрај левиот брег има статус на „ничие море“ – решение кое функционира и денес.
Пленковиќ: Нема попуштање ниту за Подгорица ниту за Белград
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера за време на одбележување на 35-годишнината од падот на Вуковар, изјави дека Загреб нема намера да отстапи од своите позиции и оти очекува конкретни резултати и од Црна Гора и од Србија, особено за прашањето на исчезнатите лица, кое е директно поврзано со поглавјето 23 (Правосудство и темелни права).
„Што се однесува до Србија, бројот на исчезнати е многу поголем. За Црна Гора идентификувавме 14 лица со име и презиме и чекаме податоци. Меѓутоа, обемот на информации што се наоѓаат во Белград е многу поголем и затоа очекувањата се поголеми. Досега не добивме доволно сознанија, а тоа е дел од Поглавјето 23. Нема да има попуштање ниту за Србија ниту за Црна Гора. Во Црна Гора се свесни што се очекува од нив и што треба да направат“,
изјави Пленковиќ за загрепски Н1.
Инаку, пред состанокот на Европскиот совет во Брисел на 16 октомври, хрватскиот премиер, споменувајќи ја Македонија, во контекст на тоа колку долго може да трае пристапниот процес на една земја во ЕУ, рече дека Хрватска не го прифатила тој пристап и оти кон Црна Гора настапува конструктивно. Сепак, како што кажа Пленковиќ и тогаш, Загреб инсистира на решавање на прашањата што ги смета за важни за европските вредности и добрососедските односи.
„И во тој конструктивен процес ги издвоивме оние точки за кои веруваме дека Црна Гора треба да ги исполни бидејќи тие се дел од она што треба да го преземе како европски вредности со своето идно членство во Европската Унија“,
изјави Пленковиќ на 16 октомври.

Кои се нерешените прашања со Црна Гора на кои инсистира Загреб
Како што кажа Пленковиќ тогаш, Хрватска јасно посочила осум нерешени прашања со Црна Гора, за кои, според него, со години нема напредок.
Меѓу нив се обесштетувањето на поранешните затвореници од логорите, поставувањето спомен-плоча во логорот Морињ, процесирањето на воените злосторства, разјаснувањето на судбината на 14 исчезнати лица, имотноправниот статус на Хрватите во Црна Гора и прашањето за границата.
„Сакаме Црна Гора да напредува, но сакаме и овие прашања да бидат решени. Сега е време да ги решиме“,
порача хрватскиот премиер од Брисел пред еден месец.
Осврнувајќи на се на отворените прашања меѓу Загреб и Подгорица, Еуроњуз, повикувајќи се на анонимни дипломатски извори, тогаш објави дека Германија го засили притисокот врз Хрватска за решавање на отворените прашања со Црна Гора, со цел да се избегне блокада на црногорскиот пат кон членство во Европската Унија. Пленковиќ од своја страна ги негираше ваквите тврдења наведувајќи дека германскиот канцелар Фридрих Мерц воопшто не ја отворил оваа тема во разговорите со него.
Што кажа Кос во Будва
На 21 октомври пред посетата на Будва по повод Самитот на лидерите од Берлинскиот процес, еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Радио Црна Гора изјави дека хрватските барања не се дел од процесот на преговори на Црна Гора со Европската Унија, но билатералните прашања мора да се решат. Таа посочи дека согласноста на сите 27 земји членки е неопходна за понатамошниот напредок на земјата.
Според неа, потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реално, додавајќи дека Брисел ја поддржува визијата Црна Гора да стане 28. членка на ЕУ во 2028 година.
Коментирајќи ги отворените прашања меѓу Црна Гора и Хрватска и можноста хрватските барања да станат услови на Брисел, Кос рече дека треба да се направи разлика меѓу техничкиот дел на процесот на преговори и политичката поддршка од земјите членки на ЕУ.
