Како што пренесоа дел од медиумите, полицијата наводно имала сознанија дека се подготвувала пресметка помеѓу две групи во затворот
Полицијата утрово извршила претрес во Казнено-поправниот дом во Идризово, информираат од Јавното обвинителство. Причината, како што велат оттаму, е постоењето сомневања за кривичноправни дејства.
„Во акција координирана од Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомневања за кривичноправни дејствија, утрово се извршени претреси во КПУ ‘Идризово’ – Скопје со цел обезбедување доказен материјал“,
велат од ОЈО – Скопје.
Директорот на затворот, Зоран Јовановски, во изјава за МИА, рекол дека при претресите била пронајдена поголема количина недозволени предмети.
Како што пренесоа дел од медиумите, полицијата наводно имала сознанија дека се подготвувала пресметка помеѓу две групи во затворот.
Претрес во затворот „Идризово“ полицијата изврши и на крајот на октомври минатата година при што, како што информираа од МВР, биле пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога. Во акцијата биле повредени затвореници, но и полициски службеници.
По ова, дел од затворениците во изјави за медиумите сведочеа дека завршиле со скршеници откако биле претепани од полицијата во „Идризово“.
Народниот правобранител Насер Зибери во извештајот за случувањата во затворот „Идризово“ констатира дека имало пречекорување на овластувањата на полицијата.