Претресот во полуотвореното одделение во затворот „Идризово“ беше спроведен последниот викенд од октомври кога дел од затворениците пружиле отпор, по што биле совладани од страна на полицијата. Во претресот беа пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога
Пречекорување на овластувањата на полицијата констатирал Народниот правобранител во извештајот за случувањата во затворот „Идризово“ кога беа повредени полициски службеници и затвореници.
„Заврши процесот на обработка на видеозаписите и извештајот ќе го дадеме. За жал, има елементи на повреда на правата во смисла на пречекорување на овластувањата на припадниците на Министерството за внатрешни работи“,
изјави денеска народниот правобранител Насер Зибери, одговарајќи на новинарско прашања по конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над безбедносниот сектор од аспект на заштита на правата на граѓаните“.
На прашањето, дали тоа е причината за настаната ситуација во затворот „Идризово“, Зибери рече дека не е сигурен дали тоа е единствената причина.
„Јас гледам од перспектива на заштита на правата на затворениците, како е дојдено, зошто е дојдено, дали е добро организирано, одговор треба да дадат тие, а ние веќе се обративме до надлежните служби да добиеме целосна слика за акцијата“,
рече Зибери.
Претресот во полуотвореното одделение во затворот „Идризово“ беше спроведен последниот викенд од октомври кога дел од затворениците пружиле отпор, по што биле совладани од страна на полицијата. Во претресот беа пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.
Дел од затворениците за Телма сведочеа дека завршиле со скршеници откако биле нападнати и претепани од полицијата. Како што пренесе ТВ Телма, тие тврделе дека биле малтретирани, а заменик-директорот на затворот, Феми Јонузи, потврдил дека била повикана Итната медицинска помош.