Велешката полиција денеска го приведе велешанецот А.Н. (29), кој на 17 овој месец околу 22:15 часот на улицата „Борис Трајковски“ во Велес со патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки удри во пешаците Е.И. (43) и нејзината малолетна ќерка, по што го напушти местото на настанот, информираат од МВР
Велешката полиција денеска го приведе велешанецот А.Н., кој во саботата усмрти 11-годишно девојче кое го удрил со своето возило на пешачки премин во Велес.
„По преземени мерки и активности, велешката полиција денеска во 11:30 часот во Велес го лиши од слобода велешанецот А.Н.(29) кој на 17 овој месец околу 22:15 часот на улицата „Борис Трајковски“ во Велес со патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки удри во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка, по што го напушти местото. Притоа, малолетното девојче почина на местото, а нејзината мајка се здоби со телесни повреди“,
информираат од МВР.
Лицето е приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Како што информира вчера портпаролката на велешката болница, докторката Елена Левкова-Ќулумова за МИА, мајката имала отворена рана на главата и повреда на потколеницата. Повредите биле санирани и е испратена на домашно лекување.
До несреќата дошло кога мајката и ќерката, според првичните сознанија на велешкото обвинителство, преминувале на пешачки премин. Кога биле на крајот од преминот, пред да се качат на тротоарот, со голема брзина наишло возилото и удрило во нив. Од ударот, девојчето било исфрлено дури до наредниот пешачки премин на улицата кај училиштето „Васил Главинов“.