Шест лица од прилепското село Вепрчани, кои поради снежни наноси не можеле да излезат од селото од 13 февруари, се успешно извлечени од страна на полициски службеници и пожарникари, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„Денеска околу 12:00 часот полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Старавина при Регионалниот центар за гранични работи Југ, во соработка со екипа на Територијалната противпожарна единица, извлекоа шест лица од прилепското село Вепрчани, кои поради снежни наноси не можеле да излезат од селото од 13.2.2021. Лицата биле на возраст од 24 и 25 години од Кавадарци и во село Вепрчани отишле на 13.2.2021“,
се вели во соопштението од МВР.
Сите шест лица биле затекнати во добра здравствена состојба и со возила на граничната полиција и на противпожарната единица биле однесени во Прилеп, од каде што заминале во своите домови во Кавадарци.
Од „Македонија пат“ велат дека главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите видови возила и нема проблеми, а на патниот превој Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила што беше проблем за големите превозници.
Според Сашо Цветкоски, раководител на секцијата на „Македонија пат“ во Прилеп, има доволно материјал и опрема да се одржуваат патиштата.
„Главните регионални патишта се целосно проодни за сите видови возила. На превојот Плетвар е укината забраната за тешките товарни возила, во ред се регионалните патни правци за Битола и за Македонски Брод. Имаме доволно материјал и возила да ги одржуваме. Очекуваме во текот на денов да почне расчистувањето на патот за Мариово“,
изјави Цветкоски.
Проблемите со снегот ги почувствуваа и во регионалното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Преку 180 ученици од 12-ина села посетуваат настава со физичко присуство, но денеска за 50-ина од нив наставата се префрли онлајн, од дома.
Надлежните апелираат за внимателност во сообраќајот поради ниските температури и голомразицата.
