Претседателот Стево Пендаровски заедно со претседателот на техничката влада Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе учествува на 60. Минхенска безбедносна конференција
Војните во Украина и Газа ќе бидат во центарот на дискусиите меѓу светската политичка и воена елита, која се собира овој викенд на традиционалната безбедносна конференција во Минхен. На годишната конференција, позната како „Давос за одбрана“, учествуваат педесетина шефови на држави и влади, многубројни министри за надворешни работи и за одбрана, безбедносни експерти и лидери на меѓународни организации.
Центарот на Минхен, кој во следните три дена ќе биде престолнина на меѓународната дипломатија, е под силно полициско обезбедување. Собирот се одржува неколку дена пред втората годишнина од руската инвазија на Украина и четири месеци од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас што се прошири низ Блискиот Исток, вклучувајќи го и конфликтот на Западот со Хутите во Јемен.

Претседателот Стево Пендаровски заедно со претседателот на техничката Влада Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе учествуваат на 60. Минхенска безбедносна конференција.
Како што информираа од кабинетот на Пендаровски, шефот на државата предвидено е да учествува на настанот „Дали Западен Балкан е дел од големата слика? Мапирање на новата европска безбедносна архитектура“ во организација на Центарот за безбедносна политика од Белград и Центарот за безбедносна политика од Женева.
Пендаровски ќе учествува и на настаните „Фокус на Балканот“ и „Насоката за трансатлантската заедница после Минхен“ организиран од Атлантскиот Совет.
Предвидено е Пендаровски да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на разговорите ќе биде европската интеграција и безбедносните состојби во регионот и во евро-атлантскиот простор.
Русија и Иран не беа поканети
Русија и Иран, кои ги поддржуваат Хутите и антиизраелскиот Хезболах во Либан, не беа поканети бидејќи, според организаторите, не покажале дека навистина се грижат за преговорите. Неформалното правило на конференцијата е „вклучете се и разговарајте меѓу себе, не држете лекции и не се игнорирајте“.
Во главниот град на Баварија пристигнуваат американската потпретседателка Камала Харис, украинскиот и израелскиот претседател Володимир Зеленски и Исак Херцог и високи кинески претставници.
На Харис ѝ претстои тешка задача да ги убеди сојузниците дека САД остануваат подготвени да ја заштитат нивната безбедност, откако Доналд Трамп, фаворит за републиканската претседателска номинација, неодамна изјави дека нема да ги заштити членките на НАТО кои не трошат доволно за одбрана.
„Пазар на идеи“
Конференцијата се одржува во време кога конфликтот меѓу Русија и Западот донесе војна во Европа, која со децении се бори да обезбеди мир, поддржана од американските безбедносни гаранции за НАТО-алијансата, која Трамп се закани дека ќе ја укине.
Од првата конференција во 1963 година, Минхен служи како еден вид „пазар на идеи“ каде што политичарите и експертите даваат иницијативи и развиваат решенија за најкритичните безбедносни прашања на сегашноста и иднината.
Започнат за време на Студената војна, состанокот им дава простор за официјални и неофицијални дипломатски идеи, а хотелот „Баеришер хоф“ (Bayerischer Hof) каде што се одржува, обезбедува засолниште за неформални состаноци на често заколнати непријатели, реализирајќи го така своето мото „градење мир преку дијалог“.