Министерот рече дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите
Колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање на „20 отсто“ бидејќи тоа довело до демографската трка во минатото, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи осврнувајќи се на барањето на албанскиот блок да се избрише „ јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и во Уставот да стои само „албански јазик“.
„Не очекувам и не верувам дека промената со ‘20 отсто’ во однос на албанскиот јазик би требало да биде дел од агендата на политичките партии на Албанците, туку треба да биде рефлексија на политичката зрелост на општеството. Треба сите политички партии да седнеме и да ги разгледаме овие прашања. Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на ‘20 отсто’, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок“,
рече Османи.
Тој истакна дека како што тој го штити и го брани македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот.
„Дојдено е време во нормален процес на општествена и политичка зрелост да се направи оваа исправка. Зошто сега треба да се занимаваме со ова прашање и да го претставиме како етничка агенда дека некој сака да направи концесија кон нас и врз нас. Ние не бараме концесија од никого, но сметаме дека редно време е ова да се уреди и да се реши како прашање, бидејќи во тоа време можеби јавноста не била сензибилизирана, но сега ситуацијата е промената, луѓето веќе сфатиле дека ваков вид на отпор од страна на македонската заедница во тоа време бил беспотребен бидејќи со тоа само се предзвикала демографска трка и треба да биде случај и предлог на политичките партии на Македонците“,
додаде Османи.
Тој нагласи дека никој не смее да го условува интегрирањето во ЕУ со какво било договарање и додаде дека интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите.
„Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратегиска грешка и многу штетна доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било да е и на етничка основа“,
истакна Османи.
Тој нагласи дека не е добра пораката што би и ја испратиле на Европа и на меѓународните партнери со овој начин на постапување, порачувајќи им дека европското интегрирање е противречно со интересите, било да се етнички, затоа што тоа е е погрешна порака и стратегиска грешка.