Виткање кичма е да гласаш за промена на името поради лични привилегии и да газиш по интересот на народот, ѝ порача Иван Соколов од ВМРО-ДПМНЕ на поранешната сопартијка Емилија Александрова, која денеска го обвини Христијан Мицкоски дека бега од избори
Александрова му врати на Соколов дека е горда што нејзиниот глас во Собранието е дел од „успешната македонска приказна“
Откако пратеничката Емилија Александрова, која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ по гласањето за уставните измени за името, денеска го обвини Христијан Мицкоски дека свиткал кичма и користејќи ја пандемијата со коронавирусот бега од избори, со реакција излезе Иван Соколов од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој на својот профил на Фејсбук ја обвини Александрова дека ги штити интересите на функционерите од врвот на актуелната, но и претходната власт.
„Виткање кичма е да гласаш за промена на името поради лични привилегии и да газиш по интересот на народот. Виткање на кичма е да го послушаш братучедот Сашо Мијалков и да му го штитиш криминалот. Виткање кичма е да не кажеш збор за криминалот на Заев и Заеви, а постојано да ја напаѓаш партијата која ти даде леб. Виткање кичмна е да се продадеш за да си ги сочуваш привилегиите и да си ја вработиш ќерката во услови на тиранско владеење на Заев. Виткање кичма е да не кажеш ниту збор за тоа како братучедот се стекна со чиновчничка плата со хотел среде центарот на градот“,
напиша на Фејсбук Иван Соколов.
Александрова му возврати дека како поразен во изборот за градоначалник на Делчево, тој е „губитник кој зборува за народна волја“.
„ВМРО ДПМНЕ секогаш била и е партија која е за членство во НАТО и ЕУ. Горда сум што мојот глас е дел од успешната македонска приказна. Партијата ниту сум ја нападнала, ниту ќе ја нападнам, но ти Иван си еден човек кој не ја сфаќа разликата меѓу некој кој е претседател и партијата. Партијата не е претседателот, туку луѓето кои ја избрале поради одредбата за напредок и национално единство. Резултатите на изборите ќе покажат кој бил во право, дали јас или ти. Јас, со гордо крената глава и чиста совест, сум среќна што помогнав да се остварат соништата на нашите граѓани да тргнеме по евроатлантскиот пат. Знам дека знаеш колку многу членови се согласни со ова, но ти си решил да одработуваш и да бидеш губитник уште еднаш“,
му порачаа таа.
Нејзината прва реакција за Христијан Мицкоски следуваше по неговата изјава во која порача дека не сака да биде мандатар и истовремено да брои жртви од пандемијата. Таа го обвини Мицкоски дека ги злоупотребува партијата, епидемијата и законите, и дека се крие зад ВМРО-ДПМНЕ со цел да прикаже дека сите мислат исто, а всушност во партијата владее едноумие.