Претходно денеска во Владиниот дом во Цетиње се одржа комеморација за жртвите во масакрот во присуство на семејствата на жртвите, претставници на локалната власт и државниот врв
Голем број граѓани на Црна Гора им оддадоа последна почит на жртвите од злосторството во Цетиње, а десет жртви беа погребани на градските гробишта Цетиње и околните места Бајице, Градац и Љуботињ.
Претходно денеска во Владиниот дом во Цетиње се одржа комеморација за жртвите во масакрот во присуство на семејствата на жртвите, претставници на локалната власт, владата, како и премиерот и претседател на Црна Гора Дритан Абазовиќ и Мило Ѓукановиќ.
Собирот започна со едноминутно молчење за жртвите, а упатената порака беше дека градот не е сам во својата жалост туку дека тагува цела Црна Гора.
Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, изјави дека трагедија од невидени размери ги погодила Цетиње и Црна Гора и ги оставила сите во шок, пренесува Радио Телевизија на Црна Гора.
„Од завчера нашиот град е окован во тага и шок, затоа што невини жртви загинаа без никаква вина во бесмислен напад. Ваков ден не се памети“,
рече Ѓурашковиќ и додаде дека нема зборови за утеха за семејствата.
Потпретседателот на Собранието на Цетиње Мирко Станиќ рече дека Цетиње, како никогаш досега, е обвиено во тага и дека не е само во својата жалост туку тагува цела Црна Гора.
Во престрелката во населбата Медовина во Цетиње загинаа 11 лица, меѓу кои и напаѓачот Вук Бориловиќ, а шестмина беа ранети.
Според официјалните податоци, напаѓачот во петокот во 15 часот и 30 минути влегол во домот на своите потстанари и убил единаесетгодишно момче на вратата, потоа неговиот три години помлад брат, а потоа ја застрелал нивната мајка низ прозорец.
Откако ги убил, му се јавил на нивниот татко и сопруг и му рекол: „Го убив и твоето и моето семејство“, рекоа за „Вијести“ од Полициската управа.
Во следните 45 минути, на оддалеченост од 80 метри од својата куќа, уби уште седум лица, а рани шестмина.
Полицијата соопшти дека кон Бориловиќ испукала 20 куршуми. Сè уште ги утврдуваат околностите на злосторството и дали Бориловиќ починал од куршум истрелан од полицијата или од граѓанин, за кој, како што пишуваат црногорски медиуми, е недостапен за полицијата.