Полициската управа на Црна Гора (ПУ на ЦГ) соопшти што хронолошки се случуваше вчера во Цетиње, кога Вук Бориловиќ изврши масакр, при што уби десет свои сограѓани, а рани уште шестмина.
Полицијата вели дека најпрво дежурната служба на Одделението за безбедност во Цетиње од повеќе граѓани во 15 часот и 30 минути била известена дека во населбата Медовина било употребено огнено оружје.
„Исто така, врз основа на досега извршените извидувачки дејствија, вклучително и изјавите, односно собраните известувања, произлегува дека околу 15 часот и 30 минути В.Б. (34) имал телефонски разговор со друго лице чиј идентитет нема да го откриеме засега заради заштита на оштетените и сведоците, а во која, меѓу другото, рекол дека ги одзел животите на членовите на семејството кое живеело со него во неговата куќа, односно на две малолетни деца. На овој разговор му претходел друг разговор, чија содржина и идентитет засега нема да ги коментираме, од истите причини, но кои ги потврдуваат претходните наводи“,
велат од полицијата.
Оттаму наведуваат дека на самото место веднаш биле испратени расположливите полициски службеници, кои кога пристигнале во близина на населбата Медовина слушнале истрели, вресоци и врева од мештаните.
„Истовремено, осомничениот В.Б., откако ги видел, употребил огнено оружје кон полициските службеници кои поради исполнување на законските услови возвратиле со употреба на огнено оружје со цел да го онеспособат напаѓачите. Потоа полициските службеници испукале околу 20 проектили во насока на сторителот на тешкото кривично дело“,
се вели во соопштението ПУ на ЦГ.
Посочуваат и дека при размена на оган во овој настан еден полицаец е ранет во главата.
„Досегашните мерки и дејствија укажуваат дека еден од проектилите испукани од полициски службеници го погодил В.Б при што бил тешко ранет. По наизменичното користење огнено оружје од страна на полициски службеници и В.Б., според нивните изјави и пријави, во еден момент повеќе немало употреба на оружје од страна на В.Б. Тоа го потврдува и изјавата на сведокот кој телефонски разговарал со В.Б. околу 15:50 часот, односно дваесетина минути по претходниот телефонски разговор што го водел В.Б. Според сведокот, В.Б. во овој телефонски разговор рекол дека ги одзел животите на поголем број лица, дека е тешко ранет и мисли дека нема да преживее“,
се вели во соопштението.
Црногорските медиуми вчера и денеска реагираа поради доцното информирање од страна на полицијата, од каде што нагласуваат дека не издавале соопштенија „од објективни причини“, односно додека не се утврдат фактите и последиците од овој, како што велат, за црногорски околности невиден случај.
„Исто така, сметаме дека тоа беше единствениот одговорен пристап, особено имајќи предвид дека објавувањето какви било недоволно проверени информации, кои со оглед на околностите беа многубројни, што можеше да доведе до негативни последици“,
нагласуваат ПУ на ЦГ.
Од полицијата велат дека веднаш по пријавувањето започната е постапка на ангажирање на специјалната тактичка единица (ПТЈ), меѓутоа во меѓувреме настанала смрт на В.Б., па затоа единицата не реагирала.
Нагласуваат дека се проверуваат околностите дали смртта настапила како последица на тешко ранување или истрелување проектил на сè уште неутврден начин од граѓанин.
„Во оваа смисла, полицијата има одредени податоци и индиции кои се проверуваат со понатамошни полициско-обвинителски активности“,
велат од ПУ.
Согласно своите процедури, во рамки на целосното утврдување на фактите за овој случај, од полицијата велат дека ќе ги проверат сите постапувања на нејзините службеници за да се утврди дали биле во согласност со законот и стандардите.
„Во интерес на јавноста, посочуваме дека врз основа на прибраните информации, постојат индиции, врз основа на изјави на лица од непосредната околина на В.Б., кои укажувале на промени во неговото однесување, но не и на потенцијално извршување на вакво кривично дело, и поради ова бил закажан специјалистички преглед на В.Б“,
додаваат од Полициската управа
Потенцираат и дека нема сознанија ниту е пријавено во полиција дека имало претходни конфликти ниту, пак, некој претходен напад во последниот период од страна на В.Б.
Во соопштението се вели дека е многу важно, особено во контекст на многубројните неодговорни коментари, изјави и однесувања, да се спречат какви било причини за натамошни конфликти меѓу семејствата, а особено во рамките на негативните обичаи кои треба да се искорени на територијата на Црна Гора.