Поддржувачите на претседателот Болсонаро протестираат со недели, барајќи безбедносните сили да интервенираат за да го спречат неговиот избран наследник Лула да ја преземе функцијата

Бразилската полиција уапси маж што го обвинува дека се обидел да активира експлозивна направа за да „сее хаос“ пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Луис Инасио Лула да Силва на 1 јануари. Мажот поставил бомба во камион со гориво во близина на аеродромот во Бразилија, но бомбата не експлодирала, соопшти полицијата.
Осомничениот им рекол на полицајците дека смислил план со другите поддржувачи на претседателот во заминување, Жаир Болсонаро. Полицијата се уште трага по неговите можни соучесници. 54-годишниот осомничен им рекол на истражителите дека дошол во Бразилија на 12 ноември за да учествува во протестите пред штабот на армијата, пишува Би-би-си.
„Се обидувавме да предизвикаме реакција од армијата“
Поддржувачите на претседателот Болсонаро протестираат таму со недели, барајќи безбедносните сили да интервенираат за да го спречат неговиот избран наследник Лула да ја преземе функцијата. Тврдокорните приврзаници на екстремно десничарскиот претседател веруваат дека претседателските избори, на кои Лула тесно го победи Болсонаро, биле наместени, иако нема докази за поддршка на нивното тврдење.
Самиот Болсонаро неколку пати пред изборите изрази сомневање за електронскиот систем на гласање во Бразил, со што ја подгреа недовербата на неговите поддржувачи во резултатот. Изборниот суд во Бразил ги отфрли неговите обвинувања како неосновани, а жалбата на неговата партија против изборните резултати беше одбиена, но многу од неговите поддржувачи остануваат убедени дека изборите му се „украдени“.
Полицијата соопшти дека осомничениот им кажал дека тој и неговите колеги демонстранти пред штабот на армијата одлучиле „да се обидат да предизвикаат интервенција на вооружените сили“ за да спречат „комунизмот да завладее со Бразил“. Тие планирале да активираат неколку бомби низ главниот град за да ја принудат армијата да прогласи воена состојба, надевајќи се дека ќе го спречат одржувањето на церемонијата на положување заклетва.
Екслозивната направа ја забележал возач на камион
Началникот на градската полиција, Робсон Кандидо, им изјави на новинарите на прес-конференција дека групата активирала експлозивна направа што ја поставиле на камион со гориво паркиран на градскиот аеродром, но направата не експлодирала. Направата ја забележал возач на камион кој ја известил полицијата.
Кандидо објасни дека полицајците можеле да го следат осомничениот до станот, каде што складирал „арсенал оружје“. Новиот бразилски министер за правда, Флавио Дино, рече дека безбедносните мерки за полагањето заклетва на Лула на 1 јануари ќе бидат „преоценети и засилени“ по инцидентот.
„Демократијата победи и ќе победи“,
напиша тој на Твитер, мислејќи на изборите и предавањето на власта.