Министерот Муцунски пред Касаноф го истакнал фокусот на владата кон забрзување на евроинтегративниот процес и спроведување на реформите кои ќе обезбедат видливи придобивки за граѓаните, особено во делот на економскиот развој, владеењето на правото и борбата против корупцијата

/ ФОТО: Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Одржување континуитет во политичкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД преку редовна размена на посети и искуства, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку блиска соработка во рамки на НАТО, било потврдено на денешната средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со заменик-помошникот државен секретар на САД, Александар Касаноф.
Министерот Муцунски, како што информираат од неговиот кабинет, го истакнал фокусот на владата кон забрзување на евроинтегративниот процес и спроведување на реформите кои ќе обезбедат видливи придобивки за граѓаните, особено во делот на економскиот развој, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во тој контекст, се додава во соопштението од министерството, бил нагласен интересот за унапредување на економската соработка и трговската размена со САД, како и за зајакнување на деловните врски меѓу двете земји.
На средбата биле разменети мислења и за актуелни теми од регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на клучните области како што се регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
Касаноф, додаваат од министерството, ја потврдил силната поддршка на САД за напорите на Северна Македонија во процесот на интеграција во ЕУ и ја истакна одличната соработка во рамките на НАТО Алијансата.
Касаноф денеска при неговата прва посета на Скопје по средбата со премиерот Христијан Мицкоски порача дека САД стојат цврсто зад Северна Македонија во решавањето на реформите кои што ќе ја зацрврстат економијата, инфраструктурата, како и јавниот и приватен сектор, но и заедниците и ќе ја подготви за нејзиното природно место на припадност во ЕУ. Тоа, како што рече Касаноф, вклучува владеење на право и промена на законите.
