„Сржта на нашите разговори се однесуваше на поддршката на САД за аспирациите на Северна Македонија за целосна евроатланска интеграција како и реформите и придобивките кои ќе дојдат со пристапувањето кон ЕУ“, рече Касаноф
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во услови на променета геополитика, останува како земја да бидеме посветен сојузник и партнер на САД и додаде дека ова партнерство е цврсто втемелено на взаемна почит, доверба и заеднички цели

/ ФОТО: Влада на РСМ
Заменик-помошник државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф при неговата прва посета на Скопје порача дека САД стојат цврсто зад Северна Македонија во решавањето на реформите кои што ќе ја зацрврстат економијата, инфраструктурата, како и јавниот и приватен сектор, но и заедниците и ќе ја подготви за нејзиното природно место на припадност во ЕУ. Тоа, како што рече Касаноф, вклучува владеење на право и промена на законите.
Касаноф, на прес-конференцијата што се одржа по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, рече дека денеска го потврдиле силното партнерство меѓу Северна Македонија и САД.
Според него, разговорите биле продуктивни и мошне опсежни, поткрепени од заедничките вредности кои ги спојуваат нашите нации.
„Сржта на нашите разговори се однесуваше на поддршката на САД за аспирациите на Северна Македонија за целосна евроатланска интеграција како и реформите и придобивките кои ќе дојдат со пристапувањето кон ЕУ. Ние ги препознаваме предизвиците со кои се соочи Северна Македонија за да го постигне полноправното членство во НАТО и од неа се бара уште за да пристапи кон ЕУ“,
рече Касаноф.
Касаноф вели дека искрено верува во заложбите на новата македонска влада во одржувањето на евроинтегративниот пат како приоритет.
„Апсолутно, да, ја гледаме искреноста, и не само во она што Владата го кажува, туку и она што Владата го прави. Тоа е посветеноста на европските интеграции и реформите што се неопходни за неа, и тоа е нешто што САД го поддржува и ќе продолжиме да го поддржуваме“,
изјави Касаноф.

Според него, клучни сегменти во кои се неопходни реформи се владеење на право и справување со корупцијата.
„Премиерот Мицкоски добро ја сфаќа моќта на корупцијата, која ја поткопува довербата и за него борбата против корупцијата е од клучна важност, а и ние го цените тоа. Како сојузници во НАТО, нашето партнерство никогаш не било посилно. Му честитам на премиерот за исполнувањето на 2 проценти од БДП за одбраната, како и тековната поддршка за Украина во однос на инвазијата од страна на Русија што е навистина сериозен придонес и многу го цениме“,
изјави тој.
Тој подвлече дека САД сериозно ја сфаќа борбата против корупцијата и дека прашањето за црната листа за санцкии не може да го коментира, но тоа е приоритет на кои што работи американската администрација.
Според него, иднината на Северна Македонија е навистина светла и САД ќе останат покрај нас до исполнување на нашите цели.
На прашањето дали може да се очекува промена на американската политика со оглед на промената на администрацијата во Вашингтон што се очекува во јануари, Касаноф рече несоодветно е да зборува за новата администрација што треба да дојде и дека тоа зависи од нив.
„Но, она што можам да го кажам е дека во преостанатите месеци, до крајот на администрацијата на Бајден ние ќе продолжиме да го вложуваме нашите напори и политики што се однесува до Северна Македонија, да ги поддржуваме реформите за нејзиниот пат кон ЕУ“,
додаде тој.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во услови на променета геополитика, останува како земја да бидеме посветен сојузник и партнер на САД и додаде дека ова партнерство е цврсто втемелено на взаемна почит, доверба и заеднички цели.
„Наша задача е да продолжиме да ги надоградуваме овие односи, да ја продлабочуваме нашата соработка и да обезбедиме дека придобивките од ова партнерство ќе ги почувствуваат сите наши граѓани. Цврсто стоиме на страната на демократијата, мирот и просперитетот и ќе продолжиме да ги спроведуваме сите потребни чекори за заеднички напредок, инспирирани, меѓу другото и од пријателството со САД“,
рече Мицкоски.

Средбата со Касаноф ја окарактеризира како искрена и која е важна потврда за тридецениското партнерство помеѓу двете земји, која се темели на заеднички вредности и визија за подобра иднина.
„Разговаравме за нашите европски интеграции, зајакнување на владеење на правото и економскиот развој, којшто претставува приоритет на нашата влада. Овие приоритети не се само национални цели, туку претставуваат предуслов за стабилност и напредок на целиот регион. Европските интеграции остануваат наш врвен стратешки приоритет. Работиме неуморно на реформите кои ќе обезбедат владеење на право, транспаретност и ефикасност на институциите, и заштита на човековите права и слободи“,
рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека во економската сфера Владата работи на создавање на поволна деловна сфера кој ќе го поттикне економскиот раст и верува дека соработката со САД ќе игра значајна улога во подобрување на овие, како што кажа, за нас исклучително добри резултати.
Александар Касаноф од јули годинава е новиот заменик-помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија на Бирото за европски и евроазиски прашања. Тој доаѓа на местото на Габриел Ескобар, чиј мандат на оваа функција истече во мај годинава.