Сенаторот Марфи, пак, претходно порача дека земјава мора да ги спроведе техничките измени на Уставот за да ја продолжи интеграцијата во ЕУ. Исто така, тој предупреди и дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази на односите помеѓу САД и земјава

За време на престојот во земјава, американскиот сенатор Крис Марфи се сретнал и со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што велат од партијата, му порачале дека под бугарски диктат не се можни уставни измени.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во државата и стратешките интереси на Република Македонија. Пратениците на ВМРО – ДПМНЕ истакнаа дека под овие услови и под бугарски диктат, уставните измени не се можни и тие како претставници на граѓаните немаат легитимитет да одлучуваат по ова прашање. Беше посочено дека власта еднострано тера процес без да бидат уважени забелешките и укажувањата од страна на опозицијата, што секако создава уште поголема поделба во општеството“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Се зборувало и за економијата и за борбата против корупцијата, за што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ истакнале дека е еден од најважните проблеми со кој се соочуваат граѓаните.
„Заклучивме дека ќе продолжиме да го негуваме пријателството и да го засилуваме партнерството со САД во однос на локалните и глобалните предизвици“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата со американскиот сенатор, според соопштението од партијата, биле пратениците Владо Мисајловски, Никола Мицевски, Ане Лашкоска, Марија Петрушевска, Бојан Стојаноски и Љупчо Пренџов.
Сенаторот Марфи, пак, претходно се сретна и со претставници од власта, а по состанокот со премиерот Димитар Ковачевски, во однос на уставните измени, порача дека земјава мора да ги спроведе техничките измени на Уставот за да ја продолжи интеграцијата во ЕУ. Исто така, тој предупреди и дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази на односите помеѓу САД и земјава.