Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски во жалбата пред Апелација ги наведе тезите што Обвинителството ги застапуваше и се обиде да ги докаже на судењето, а тоа е дека Ѓорчевски ја дал информацијата оти неговата ќерка Вања критичното утро ќе оди сама на училиште
Одбраната на четворицата осудени за двете грозоморни убиства, пак, бара случајот да се врати на повторно судење, затоа што во првостепената постапка не биле изведени суштествени докази, кои, според нив, ја откриваат фактичката состојба
На јавна седница во Апелацискиот суд, Обвинителството и одбраната на првостепено ослободениот Александар Ѓорчески и осудените од Кривичен – Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, ги образложија своите жалби на првостепената пресуда што скопскиот Основен кривичен суд ја донесе пред речиси една година.

Обвинителството се жали на ослободителната пресуда што Кривичен ја изрече за таткото на Вања, барајќи и тој да биде осуден за случајот што во декември 2023 година ја шокира македонската јавност. Одбраната на четворицата осудени за двете грозоморни убиства, пак, бара случајот да се врати на повторно судење, затоа што во првостепената постапка не биле изведени суштествени докази, кои според нив, ја откриваат фактичката состојба.
Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање, првостепениот суд го ослободи од обвинение бидејќи, според пресудата, не беше докажано надвор од разумно сомнение дека тој ги сторил делата за кои беше обвинет. Според пресудата на Кривичниот суд, Основното јавно обвинителството Скопје не успеа да го докаже и грабнувањето на Панче Жежовски.
Во однос на пресудата за Александар Ѓорчевски, вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски во жалбата пред Апелација ги наведе тезите што Обвинителството ги застапуваше и се обиде да ги докаже на судењето, а тоа е дека Ѓорчевски ја дал информацијата оти неговата ќерка Вања критичното утро ќе оди сама на училиште. Тоа, според вишиот обвинител, го знаеле само помалата ќерка на Ѓорчевски и неговата сопруга.
Јакимовски пред второстепениот суд рече дека Александар вечерта им пратил порака на децата да се облечат топло, како да ќе одат на планина.
„Неговото однесување наредниот ден кога повторувал дека детето е грабнато и убиено, по што се упатува накај Качанички пат, според наводно некое филмско сценарио по патеката на која што е однесена Вања во гепек, и потоа бара да се провери и кола на некој од Велес“,
рече обвинителот Дарко Јакимовски, пренесе телевизијата Телма.
Бранителот на Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, пак, посочи дека нема докази оти неговиот клиент имал некаква улога во грабнувањето, односно дека споделил информација кога детето ќе излезе од дома. Според Туфегџиќ, нема ниту негова комуникација со другите обвинети.
„Доколку постоеше еден промил кој укажува на било какво учество на Александар во овој грозоморен чин, убеден сум дека би била донесена поинаква одлука“,
рече неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.
Ѓорчевски, по наводите на неговиот адвокат, само додаде дека се наоѓа во позиција на заложник и ја напушти судницата.
Бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, адвокатот Јовица Страшевски, пак, ја повика Апелација да суди без притисок на јавноста, тврдејќи пред второстепениот суд дека има суштествени повреди и недоследности во пресудата на Кривичен.
Според него, во првостепената постапка тие пребројале преку педесет суштествени повреди.
„Ги имаме сите наведени во жалбата, така што една да прифати судот треба пресудата да е укината“,
изјави Страшевски.

Бојан Манев, адвокат на осудениот Боре Видевски, изјави дека не биле изведени докази кои ја потврдуваат невиноста на неговиот клиент, поради што и тој бара повторување на постапката за да можат да се изведат тие докази.
„Без изведување на тие докази нема ништо да направиме и затоа сметам дека овој судечки совет има доблест да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати назад“,
рече адвокатот Манев.
Инаку, јавната седница на Апелација требаше да се одржи на 9 април, но беше одложена за денеска поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Боре Видевски.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и на Велес.
