Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува копретседателот на новооснованата политичка партија Влен, Билал Касами, се емитува вечерва (11 мај 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Централниот политички настан од изминатиот викенд е основачкиот конгрес на Влен, политичката структура која од коалиција на пет различни субјекти се претопи во една единствена политичка партија. Велат дека ќе бидат партија што на политичкиот спектар ќе се позиционира центар-десно, партија што ги брани правата на Албанците без комплекси, но во исто време сериозно зборува и за развој, функционална држава и за иднината. Влен стартува и како партија со една специфика на каква што досега не сме сведочеле во земјава, а тоа е двојното лидерство. На чело на партијата, како копретседатели, застануваат Изет Меџити и Билал Касами. Опозициската ДУИ, пак, токму во ова гледа доказ дека „во ВЛЕН има фракции уште пред да почне да функционира“. Со Билал Касами, кој гостува во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1, разговараме и за статусот на Влен во власта, (не)остварените ветувања, зошто не се носи законот за соодветна и правична застапеност, најавената реконструкција, можноста за предвремени избори во 2027 г., блокираниот пристапен процес за ЕУ…
