Специјалниот пратеник на претседателот на САД за косовско-српскиот дијалог најави дека почнува спроведувањето на економските договори што ги потпишаа Вучиќ и Хоти
Специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за косовско-српскиот дијалог, амбасадорот Ричард Гренел, ќе допатува денеска во Косово заедно со делегација на американската влада, која е предводена од извршниот директор на Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ), Адам Белер.
Патувањето е „продолжение на историскиот договор“ меѓу Израел, Велика Британија и Бахреин и „договорот за економска нормализација на Србија и Косово“, се наведува во соопштението на ДФЦ.
Гренел, во оваа прилика најави започнување на спроведувањето на економските договори, кои на 4 септември во Белата куќа во Вашингтон ги потпишаа косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Имплементацијата на договорот постигнат меѓу Косово и Србија е топ-приоритет за администрацијата на претседателот Трамп. Се гледаме неделава во Приштина и во Белград“,
напиша Гренел на својот твитер-профил.
Implementing the agreement made by Kosovo and Serbia is a top priority for the Trump Administration. See you in Pristina and Belgrade this week! https://t.co/C1i6vViRTP
— Richard Grenell (@RichardGrenell) September 20, 2020
Во американската делегација, која освен Косово во наредните пет дена ќе ги посети и Србија, Грција и Израел, учествуваат и заменик-администраторот на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), Бони Глик, претседателката на Извозно-увозната банка на САД (EКСИМ), Кимберли Рид, како и претставници на департманите за енергетика и за трговија при владата во Вашингтон.

Косовскиот премиер Хоти потврди дека денеска ќе има средба со американската делегација, која, според соопштението од Вашингтон, освен со високи владини претставници, ќе се сретне и со лидери на приватниот сектор во земјите кои ќе ги посети.