Првото пријавување ќе се спроведува од 12 до 15 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е закажано за 16 и 17 јуни. Второто пријавување ќе се одржи на 23 јуни, а доставувањето на документацијата до училиштата е на 24 јуни. Третото пријавување е предвидено за 20 август
Министерството за образование и наука информира дека од денеска започнува електронското запишување на учениците во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година.

„Како и минатите години, пријавувањето е електронски и се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со веќе постоечките кориснички сметки на schools.mk“,
се вели во соопштението од ресорното Министерство.
Во јуни се предвидени два термина за електронско пријавување.
Првото пријавување ќе се спроведува од 12 до 15 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е закажано за 16 и 17 јуни.
Конечните ранг-листи со резултатите од запишувањето и слободните места училиштата треба да ги објават на 18 јуни.
Второто пријавување ќе се одржи на 23 јуни, а доставувањето на документацијата до училиштата е на 24 јуни.
Третото пријавување е предвидено за 20 август.
За учебната 2026/2027 година во 109 јавни средни училишта во државата се предвидени над 25 000 слободни места. Од нив, повеќе од 17 000 се во стручното образование, речиси 6 000 во гимназиското образование, а 570 места се наменети за уметничките училишта.
Конкурсот со слободните места и јавните средни училишта е достапен на веб-страницата на Министерството за образование и наука: https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/konkurs-za-zapisuvanje-ucenici-vo-javnite-sredni-ucilista-za-ucebnata-20262027-godina-vo-republika-severna-makedonija.
