Веста за смртта на Ратко Младиќ ја објавија многубројни светски медиуми. Меѓу нив е и „Њујорк тајмс“, кој објави текст со наслов „Ратко Младиќ – касапот од Босна – почина“. Во него потсети на неговата улога во војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите, злосторствата за кои беше осуден, како и на прекарот касапот од Босна, кој го следеше во текот на животот
Во Хаг денеска на 83-годишна возраст почина Ратко Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, осуден за геноцидот во Сребреница и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, соопшти Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали.

Во соопштението се наведува дека Младиќ починал додека бил хоспитализиран во Хаг, Холандија, чекајќи префрлање во друга земја каде што требало да го отслужи остатокот од доживотната затворска казна.
Холандските власти започнале стандардни процедури и истрага за смртта, која, како што се наведува, е наредена и од претседателот на Механизмот.
Хашкиот трибунал го осуди Младиќ на доживотен затвор во 2017 година, а жалбената постапка заврши во 2021 година, кога беше потврдена првостепената пресуда.
Младиќ беше прогласен за виновен за геноцидот врз околу 8 000 Бошњаци во Сребреница, која во 1995 година беше прогласена за заштитено подрачје на Обединетите нации.
Беше осуден и за прогон и присилно преместување на Бошњаци и Хрвати низ Босна и Херцеговина, тероризирање на цивилното население за време на опсадата на Сараево, како и за земање мировници на ОН како заложници за време на воздушните напади на НАТО во 1995 година.
Младиќ, сепак, беше ослободен од обвинението за геноцид во шест општини во Босна и Херцеговина во текот на 1992 година – Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница.
Хашкото обвинителство и одбраната на Младиќ поднесоа жалба против пресудата, изречена на 22 ноември 2017 година. Жалбената постапка беше спроведена во август минатата година. Двете жалби беа одбиени.
За време на судењето, кое започна на 16 мај 2012 година и траеше 530 дена, беа сослушани 592 сведоци и презентирани околу 10 000 докази. Судот зеде предвид околу 2 000 утврдени факти.
Младиќ беше уапсен во Србија на 26 мај 2011 година, по речиси 16 години криење од правдата. Во тој период важеше за еден од најбараните бегалци на Хашкиот трибунал.
Шест дена по апсењето, на 1 јуни 2011 година, беше екстрадиран во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.
Првото обвинение против него беше поднесено на 24 јули 1995 година.
Веста за смртта на Ратко Младиќ ја објавија многубројни светски медиуми. Меѓу нив е и „Њујорк тајмс“, кој објави текст со наслов „Ратко Младиќ – касапот од Босна – почина“. Во него потсети на неговата улога во војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите, злосторствата за кои беше осуден, како и на прекарот касапот од Босна, кој го следеше во текот на животот.
Од непобедлив воин до осуденик во Хаг
„Њујорк тајмс“ пишува дека за време на судењето Младиќ некогаш бил претставуван како непобедлив воин, во судницата понекогаш се однесувал како немоќен старец, додека сведоците изнесувале потресни сведоштва за насилството извршено под негова команда.
Медиумот, сепак, потсетува дека неговиот некогашен авторитетен и доминантен настап бил присутен и во текот на судскиот процес.
При неговото прво појавување пред судот во 2011 година, Младиќ ги нарекол обвиненијата „одвратни“ и „монструозни“. Во еден момент, по враќањето во судницата, тој им се развикал на судиите велејќи дека сè што кажуваат е целосна лага, по што бил отстранет од судницата.
За дел од населението во Србија останал „митски заштитник“
Весникот наведува дека Младиќ кај дел од населениот во Србија уживал статус на воен херој.
Љиљана Булатовиќ, авторка на неговата биографија, изјавила дека за многу Срби тој останал херој и дека секогаш ќе биде сметан за „митски заштитник на српскиот народ“.
