Како новинар, репортер и уредник, Стиков целиот свој работен век го поминува во Македонското радио, известувајќи за најважните спортски настани во македонската и во југословенската спортска историја. Со над 2 000 преноси, тој е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио
На 76-годишна возраст почина доајенот на македонското спортско новинарство, Александар Стиков.
Како новинар, репортер и уредник, Стиков целиот свој работен век го поминува во Македонското радио, известувајќи за најважните спортски настани во македонската и во југословенската спортска историја.
Со над 2 000 преноси, тој е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Стиков беше последниот претседател на Здружението на спортски новинари на Југославија и еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“ и известуваше од седум олимпијади и голем број европски и светски првенства.
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.
Стиков ќе биде погребан в петок на градските гробишта во Бутел, а во просториите на Македонската радио-телевизија во понеделник во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница.