Почина 27-годишната родилка од Куманово која беше заболена од коронавирус, информира Министерството за здравство.
„Со големо жалење ја информираме јавноста дека предмалку почина родилката позитивна на ковид-19 од Куманово на 27 години. Таа на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје роди недоносено машко новорoденче, негативно на вирусот“,
стои во соопштението на Министерството за здравство.
Родилката беше префрлена на Инфективната клиника на 31 март поради влошена клиничката слика и отежнато дишење.
Од Министерството велат дека, и покрај напорите на лекарите, брзиот и агресивен развој на болеста бил фатален.
Клиниката за гинекологија и акушерство информира дека нејзиното бебе, кое е негативно на ковид-19, е во добра состојба и сè уште е на интензивна нега.
Од Министерството претходно информираа дека во изминатото деноноќие уште две лица ја загубија битката со коронавирусот. На Инфективната клиника починал 73-годишен човек од Куманово, а 44-годишен кавадарчанец починал дома. Тој бил тестиран посмртно, а резултатите се позитивни на ковид-19.
Поврзана вест: