Од пратеничката група на СДСМ велат дека, и без ВМРО-ДПМНЕ, имаат 81 глас за законот за одбрана да биде донесен во овој собраниски состав. Сепак, посочуваат дека е добро оваа регулатива да биде донесена со консензус, затоа што е поврзана со членството во Алијансата
Повеќе од два месеца ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат да обезбедат консензус за донесување на законот за одбрана, кој треба да биде усвоен со двотретинско мнозинство, а со кој македонската одбрана се приспособува на стандардите на НАТО. Проблемот, всушност, е терминолошки, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа армијата да се нарече Армија на Северна Македонија, како што стои во новото законско решение, предложено од Владата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска изјави дека ставот на опозицијата во однос на членството во НАТО и Законот за одбрана е непроменет и јасен.
„Не можеме да прифатиме обезличување на Армијата на Македонија – нешто што никој не го бара од нас. Поради тоа, поднесовме идентичен закон, кој е отфрлен од страна на власта, а во кој единствена разлика е задржувањето на името на Република Македонија“,
изјави Мицевски
ВМРО-ДПМНЕ, потсети тој, ниту го поддржа Преспанскиот договор ниту ги гласаше уставните измени, па така нема да гласа ниту за промена на името на Армијата.
Најавите од владејачкото мнозинство во парламентот се дека пленарната седница, на чиј дневен ред е законот за одбрана, веројатно ќе продолжи во почетокот на февруари. Од пратеничката група на СДСМ велат дека, и без ВМРО-ДПМНЕ, имаат 81 глас за законот за одбрана, кој ја помина расправата во матичната комисија, да биде донесен во овој собраниски состав. Сепак, посочуваат дека е добро оваа регулатива да биде донесена со консензус, со оглед на тоа што и ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, декларативно е за членство на земјава во НАТО, како една од нашите стратегиски цели.
Како последен можен рок за донесување на законот за одбрана се посочува 11 февруари, ден пред распуштањето на овој собраниски состав. За тогаш спикерот Талат Џафери најави посебна седница – со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство во НАТО, независно дали дотогаш ќе заврши процедурата во парламентот на Мадрид. Но не се исклучува можност истиот ден да биде закажано и продолжението на седницата на чиј дневен ред е законот за одбрана.
Пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана, посочи денеска дека, додека во Шпанија е во тек последната ратификација на Протоколот за нашето зачленување во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ, со одбивањето да гласа за законот за одбрана, го загрозува тој процес.
„Северна Македонија е на чекор да стане 30. земја членка на НАТО и со тоа да ја осигура својата стабилност, безбедност, економски развој и сигурна и просперитетна иднина. ВМРО-ДПМНЕ, очигледно, е против нашето зачленување во НАТО. Свесното блокирање на Законот за одбрана може да испровоцира ново вето од Грција и со тоа да ја врати државата со децении назад“,
рече Локвенец.
Тој нагласи дека законот за одбрана е клучен за нашето членство во Алијансата. Овој закон, вели, обезбедува воведување на НАТО- стандарди во македонската армија и колективен систем на одбрана и затоа е клучен за нашето зачленување во НАТО.
Потпишувањето на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО беше следниот чекор по стапувањето во сила на Преспанскиот договор и на уставните амандмани во февруари минатата година. Протоколот беше потпишан на 6 февруари 2019 во Брисел, на церемонија на која присуствуваше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Два дена подоцна, Грција прва го ратификува Протоколот, како што е предвидено во Преспанскиот договор, со кој беше ставен крај на речиси тридеценискиот спор за името на нашата земја. Кога ќе заврши ратификацијата во Шпанија и ќе стапи во сила ратификацијата во македонскиот парламент, Северна Македонија и официјално ќе биде 30. земја членка на Алијансата.