Откако победи на изборите во 2019 година со најимпресивната победа во последните повеќе од 30 години за да го спроведе Брегзит, Џонсон е на работ на гласање за недоверба по острите реакции од неговите конзервативци поради тврдењата дека додека граѓаните биле во карантин во резиденцијата на премиерот се одржувале забави
Единаесет пратеници од Конзервативната партија на британскиот премиер, Борис Џонсон, утринава му предале писма во кои изразуваат недоверба кон него, јави Телеграф.
„Утрово, 11 членови на Конзервативната партија кои ги освоија своите места на изборите во 2019 година, му врачија писма на недоверба на Борис Џонсон“,
напиша на Твитер новинарот Кристофер Хоуп, од Дејли Телеграф.
Според Телеграф, 20 пратеници имаат намера да му предадат писма за недоверба на премиерот, но за гласање недоверба на Џонсон потребна е поддршка од 54 пратеници.
Откако победи на изборите во 2019 година со најимпресивната победа во последните повеќе од 30 години за да го спроведе Брегзит, Џонсон е на работ на гласање за недоверба по острите реакции од неговите конзервативци поради тврдењата дека додека граѓаните биле во карантин во резиденцијата на премиерот се одржувале забави.
Џонсон вчера ги отфрли обвинувањата од неговиот поранешен советник дека го лажел Парламентот за забавата за време на карантинот, велејќи дека никој не го информирал дека пиењето може да биде спротивно на правилата наметнати поради ковид-19.
Политичката аналитичарка на Би-би-си, Лаура Куенсберг, која смета дека е можно да се зголеми бројот на 54, пишува и дека се зголемува бројот на конзервативни пратеници кои се незадоволни од раководството на државата на Џонсон.
Главни ривали на Џонсон во партијата се министерот за финансии Риши Сунак (41) и министерката за надворешни работи Лиз Трус (46).
Опозицијата тврди дека Џонсон е сериски лажго и го повикува да се повлече.