Доколку измените бидат одобрени, во сила ќе остане само правилото за тестирање и изолација за влез во Данска, што ќе се применува уште четири недели
Данска планира следната недела да ги укине сите преостанати ограничувања против ковид-19, откако минатата недела слична најава имаа Велика Британија и Холандија, и покрај големиот број на заразени со омикрон во Европа.
Земјата веќе ги намали ограничувањата пред две недели и по едномесечното заклучување дозволи повторно отворање на кината и концертните сали. Сепак, во сила остануваат некои правила, како ограниченото работење на рестораните и задолжителното носење маски.
Во писмото до Парламентот, данскиот министер за здравство, Магнус Хеунике наведува дека Владата има намера да ги следи препораките издадени од експертски панел со цел да се укинат сите ограничувања до 1 февруари.
Ако одлуката на Владата за ограничување на мерките биде одобрена од Парламентот, тоа ќе биде најдалекусежното олеснување на ковид-ограничувањата меѓу нордиските држави.
Според тоа, ноќните клубови би можеле повторно да се отворат, рестораните ќе можат да служат алкохол по 22 часот, гостите не би морале да приложат ковид-потврда пред да влезат. Патниците, пак, ќе можат да се возат во автобус без маска, а продавниците ќе можат да го укинат ограничувањето на бројот на клиенти.
Доколку измените бидат одобрени, во сила ќе остане само правилото за тестирање и изолација за влез во Данска, што ќе се применува уште четири недели.
Велика Британија, Ирска и Холандија објавија слични одлуки минатата недела за укинување на повеќето ограничувања против коронавирусот, иако бројките за инфицирани лица со омикрон остануваат високи.
Австрија, пак, најави укинување на карантинот за лица што не се целосно вакцинирани од 31 овој месец, односно ден пред да стапи во сила задолжителната вакцинација за сите лица над 18 години. Со воведување на задолжителната вакцинација на своето население, Австрија станува првата европска земја која ја усвои оваа мерка против ковид-19. За непочитување на мерката е предвидена казна од 600 евра.