ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на вчерашните избори во Тетово завршија со ист број советници – четири односно два, а и двете партии добија по околу 700 гласа помалку споредено со минатогодишните локални избори, покажува анализата на изборите во Тетово
ВМРО- ДПМНЕ денеска го повика премиерот Димитар Ковачевски да си поднесе оставка и веднаш да се одржат предвремени избори, по резултатите на изборите за совет во Тетово.
„ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ, а БЕСА ја победи ДУИ во Тетово. Владејачката коалиција нема никаков легитимитет да продолжи да ја води државата. Народот јасно кажа дека СДСМ и ДУИ се минато. Очекуваме Ковачевски да го признае поразот и да си поднесе оставка веднаш. Само предвремени парламентарни избори се решение. СДСМ и ДУИ владеат без поддршка од народот, и работат само за себе и своите криминални дилови“,
се вели во соопштението од опозицијата.
Од СДСМ, исто така, преку соопштение реагираат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ загубија двојно на вонредните локални избори и се повикуваат на изборите за градоначалници во Маврово Ростуше и Центар Жупа.
„Кандидатот на СДСМ и европската коалиција убедливо победи во Маврово Ростуше над кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, со разлика од 1 300 гласа. Во Центар Жупа ВМРО-ДПМНЕ доживеа дебакл, затоа што сакаше да пропаднат изборите. Сепак, победи кандидатот на владејачката коалиција со освоени над 3 000 гласови. Во третата општина каде што се спроведуваа избори за советот, Тетово, ВМРО-ДПМНЕ има континуиран и драстичен пад на гласовите од минатите избори а бројот на советници во советот на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ останува непроменет. Во 2017 година ВМРО-ДПМНЕ освоила 5 903 гласови, во 2021 4 052 а на вчерашните вонредни локални избори едвај 3 000 гласови. Нивниот коалициски партнер Левица исто така доживеа дебакл. Граѓаните им пратија јасна порака, не сакаат деструкции, блокади, анти европски и криминални ликови во политиката“,
се вели во соопштението од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на вчерашните избори во Тетово завршија со ист број советници – четири односно два, а и двете партии добија по околу 700 гласа помалку споредено со минатогодишните локални избори, покажува анализата на изборите во Тетово.
Беса, чиј лидер е актуелниот градоначалник Билал Касами, е неспорен победник на вчерашните вонредни избори за членови на Советот на Тетово, а најголем губитник на овие избори е Алијанса за Албанците која ќе нема претставник во Советот споредено со изборите од минатата година кога настапувајќи во коалиција со Алтернатива освоија три мандати.