Владата соопшти дека на 61-та седница била донесена одлука во врска со документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија. Во новинарскиот труд се тврди дека приватната клиника „Жан Митрев“ лечела пациенти од ковид-19 со метода која всушност била клиничка студија, без притоа истата да биде одобрена од надлежните.

„Владата на Република Северна Македонија на денешната 61-ва седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје.
Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај“,
се вели во владиното соопштение.
Документарниот филм беше емитуван синоќа, на МРТ. Денеска, од Јавното обвинителство, за 360 степени соопштија дека веќе отвориле предмет по допрен глас.