„Иако е завршена евалуацијата на законските и тендерските побарувања на понудите од страна на комисијата за јавни набавки, сепак, поради чувствителноста на јавноста, по насока на министерот, а со цел целосна транспарентност, побарани се дополнителни гаранции и потврди со кои ќе се укаже дека компанијата нема конфликт на интерес од било кој тип. Иако не е законска обврска, ниту пракса, Комисијата за набавки при Министерството за надворешни работи побара и доказ дека компаниите не се донатори на политички партии“, се вели во соопштението од МНР
По вчерашната реакција од компанијата „Еуроинвест Медиу“ до Министерството за надворешни работи дека ја одолговлекува постапката за избор на фирма за реконструкција на дипломатски објект, денеска од МНР излегоа со информација во врска со наводите на фирмата од Зајас.

Оттаму велат дека иако постапката во однос на евалуацијата е завршена, поради чувствителноста на јавноста, по насока на министерот Бујар Османи биле побарани дополнителни гаранции и потврди дека компанијата нема конфликт на интереси од кој било тип.
Како што информираат од Министерството, на огласот за реконструкција на објектот во Швајцарија за ДЕЛ -1 се пријавила само една компанија – „Еуроинвест Медиу“, додека за ДЕЛ -4 имало две понуди.
Од Комисијата за набавки при МНР, се вели во соопштението, побарале, иако тоа не е законска обврска, ниту пракса, компаниите да приложат доказ дека не се донатори на политички партии.
„Иако е завршена евалуацијата на законските и тендерските побарувања на понудите од страна на комисијата за јавни набавки, сепак, поради чувствителноста на јавноста, по насока на министерот, а со цел целосна транспарентност, побарани се дополнителни гаранции и потврди со кои ќе се укаже дека компанијата нема конфликт на интерес од било кој тип. Иако не е законска обврска, ниту пракса, Комисијата за набавки при Министерството за надворешни работи побара и доказ дека компаниите не се донатори на политички партии“,
се наведува во соопштението на МНР.
Во рамките на целата постапка, за делот каде што има пријавено повеќе од една компанија, од МНР информираат дека ќе биде одржана електронска аукција.
„По завршување на сите постапки Министерството ќе се води само по словото на законот и нема да дозволи никакви субјективни фактори да влијаат при одлуката за избор“,
велат од Министерството за надворешни работи.
Инаку, според вчерашниот писмен допис до медиумите на „Еуроинвест Медиу“, насловен „Известување“ и потпишан од управителот на компанијата, Генци Медиу, оваа фирма била единствената која се пријавила на тендерот и тоа не би требало да претставува ограничување договорната страна, односно МНР, да ја заврши тендерската постапка.
Во дописот до медиумите од компанијата наведоа и оти се свесни дека дека тоа што седиштето ѝ е во селото Зајас претставува „атрактивна политичка информација“, но тоа, како што додаваат, не смее да претставува ограничувачки фактор за нивната економска, техничка, кадровска и стручна екипираност за изведување на предвидените градежни работи.
Алузијата на формулацијата „атрактивна политичка информација“ најверојатно се однесува на тоа што селото Зајас е родното место и актуелно живеалиште на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Недостатокот на одлука или одбивањето да се одбере „Еуроинвест Медиу“ поради тоа што седиштето ѝ е во селото Зајас, од компанијата велат дека ќе го сметаат за флагрантно кршење на основните права и слободи на граѓаните на земјава, како и незаконски однос кон бизнис-секторот, кој ги нарушува основните правила на пазарната економија.
„Секоја таква одлука компанијата ќе ја обжали до сите правни и правосудни инстанци, а соодветно ќе бидат известени и органите за добро владеење, органите за спречување корупција, невладините организации, медиумите, како и амбасадите на земјите кои имаат дипломатски претставништва во земјава“,
се вели на крајот на дописот од компанијата.
Инаку, неодамна во фокусот на јавноста беше тендерот на МНР за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“ за потребите на Министерскиот состанок на ОБСЕ тежок 1,8 милиони евра, кој го доби фирмата „Еуровиа“ од тетовско Желино, која, како што објавија повеќе медиуми, е донатор на политичката партија ДУИ, чиј потпретседател е актуелниот министер за надворешни работи.
Фирмата чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, беше избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот.
Коментирајќи ги објавите во медиумите дека токму фирма блиска до ДУИ ја добива јавната набавка тешка 1,8 милиони евра, Министерството за надворешни работи во неколку наврати објави дека избраната компанија понудила најниска цена од сите што се пријавиле на тендерот.
Министерот за надворешни работи одговарајќи на прашање на темата, во пресрет на состанокот на ОБСЕ на крајот на минатиот месец, тврдеше оти не знаел дека компанијата „Еуровиа“ е донатор на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и дека за тоа дознал од медиумите.
За изборот на оваа компанија за адаптација на „Борис Трајковски“ жестоко реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а од Државната комисија за спречување на корупцијата најавија дека ќе отворат предмет поради ризик од политичка поврзаност.