Ненадејната одлука на кинеските власти за олеснување на ковид-мерките во градот Гуангжу следуваат откако вчера во низата протести против политиката на нулта ковид во земјата, демонстрантите влегоа во судир со полицијата
Властите во Кина најавија олеснување на ковид-ограничувањата во кинескиот град Гуангжу – градот во кој вчера демонстрантите влегоа во судир со полицијата во текот на низата протести против политиката на нулта ковид и ограничувањата на слободата на движење, пишува Гардијан.
Денеска, како што јавува медиумот, кинеските власти ненадејно објавиле укинување на заклучувањата во околу половина од областите низ јужниот град Гуангжу, а според официјалните соопштенија, на локалните власти им се препорачува на различни начини да ги отстранат „наредбите за привремена контрола“ и да ги преназначат областите како области со низок ризик од зараза со коронавирус. Тие најавиле и крај на масовното ПЦР тестирање.
Освен во јужниот град Гуангжу, олеснувања на ковид-ограничувањата се најавени и во градот Чонгкинг, каде што локалните власти донеле одлука лицата кои имале контакт со ковид-позитивни лица, а кои исполнуваат одредени услови, да бидат ставени во домашен карантин.
Речиси три години од почетокот на паднемијата со коронавирусот, Кина деновиве се соочува со протести во повеќе градови во земјата поради строгите рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19, како и против политиката на нулта ковид и ограничувањата на слободата на движење.
Неколку големи кинески градови распоредија голем број полицајци за да ги спречат протестите.
Полицијата спроведуваше случајни проверки на лични документи и ги пребаруваше мобилните телефони на луѓето во потрага по фотографии, забранети апликации или други потенцијални докази за учество во демонстрациите.
Засега не е познат бројот на приведените на демонстрациите и на подоцнежните полициски акции.